Врховниот суд во Шпанија осуди деветмина лидери на борците за независност на Каталонија на казни затвор од девет и 13 години за заведување поради нивната улога на референдумот за независност во 2017 година.
За тројца други кои се прогласени за виновни за непослушност, не им се изречени затворски казни.
Дванаесетте политичари и активисти ги негираа обвиненијата.
Сепаратистите во Каталонија планираа масовна граѓанска непослушност пред пресудата.
Обвинителството бараше до 25 години затвор за Ориол Јункерас, поранешниот потпретседател на Каталонија и највисокиот заговарач за независност во овој судски процес, но тој е осуден на највисоката казна затвор од 13 години.
Поранешниот лидер на регионалната каталонска влада Карлес Пуџдемон ја нарече „свирепа“ пресудата на Врховниот суд на Шпанија со која деветмина каталонски лидери се осудени на затворски казни.
„Време е за реакција….. за иднината на нашите синови и ќерки. За демократијата. За Европа. За Каталонија“, напиша Пуџдемон на Твитер.
Пуџдемон го водеше овој шпански регион во време кога имаше обид за прогласување независност во 2017 година, за кое и им се судеше на каталонските лидери, пренесуваат британските медиуми.
Медиумите потсетуваат дека нему не му се суди бидејќи побегнал во Белгија, каде живее во егзил.
Жителите на Барселона излегоа на улиците на градот на спонтан протест против одлуката на Врховниот суд, јави локалниот весник „Ла Вангвардија“.
Според весникот, луѓе се собираат на некои од клучните локации во каталонскиот главен град, меѓу кои и пред зградата на локалната власт и високиот судски орган во регионот.
Зајакнато е и полициското присуство во градот.




