Меѓународен тендер за избор на технологија за отстранување на линданот и неговите изомери од кругот на фабриката ОХИС во Скопје е објавен вчера и се очекува да биде отворен до 11 ноември, соопштија од Македонското еколошко друштво.
Оттаму наведуваат дека проектната канцеларија за неразградливи органски загадувачи (POPs) во изминатиот период ја комплетираше документацијата за објавување повик за меѓународен тендер од страна на Организацијата на ОН за индустриски развој (УНИДО), агенцијата одговорна за спроведување на проектот „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС“, со цел да се избере најдобро решение/технологија за деконтаминација на малата депонија со HCH отпад сместена во кругот на поранешната фабрика ОХИС во Скопје.
Тендерот е објавен на 15.10.2019 година на официјалната веб-страна на УНИДО на следниот линк, а периодот за доставување на понуди ќе трае до 11 ноември 2019 година.
Од Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи при Министерството за животна средина и просторно планирање појаснуваат дека по пристигнувањето на понудите, ќе биде формирана комисија од страна на УНИДО, составена од меѓународни и национални експерти, која ќе ја избере најдобрата понуда, а по што ќе следат активности за започнување со работа на терен, односно обезбедување потребна документација, обезбедување нпросторот и превентивни мерки за заштита на околината и конечно започнување со чистењето.
Со чистењето на локациите контаминирани со HCH и со другите придружни загадувачи, ќе се намали и елиминира емисијата на овие загадувачи во околината. Исто така, ремедијацијата на контаминираните локации во ОХИС ќе овозможи услови за ревитализација на земјиштето, односно негово повторно користење за индустриски намени со што ќе се креира позитивен амбиент за привлекување инвестиции во оваа област, а кои ќе резултираат и со можности за нови вработувања.
Македонското еколошко друштво (МЕД) е носител на активностите за подигнување на јавната свест за влијанието на линданот врз човековото здравје и состојбата на животната средина и процесот за неговото отстранување од ОХИС и правилно справување. Овие активности се спроведуваат во координација со Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (POPs) на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) а во рамки на повеќегодишниот проект „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС, 100122“, финансиран од Глобалниот еколошки фонд (GEF) и имплементиран преку УНИДО со национална контрибуција од страна на Владата на Република Северна Македонија.
По изборот на фирма понудувач од страна на меѓународната изборна комисија, од МЕД посочуваат дека ќе продолжат со активностите за информирање на јавноста и локалното население, за начинот на отстранување на HCH отпадот од малата депонија во дворот на поранешната фабрика ОХИС преку организирање на повеќе јавни настани.
Најжешката еколошка точка во Македонија
Со години наназад се посочува дека над 30.000 тони екстремно опасен отпад е несоодветно складиран на депонијата во фабриката ОХИС во Скопје и ги труе граѓаните.
Овој отпад содржи линдан, токсичен пестицид и инсектицид, кој е ставен во групата на канцерогени супстанци. Тој се сврзува и со честичките ПМ10 и се разнесува насекаде по почвата.
“Оваа депонија е утврдена како „најжешката еколошка точка“ во Македонија, наведена и на светските еколошки мапи.
Депонијата на ОХИС е создадена од средината на седумдесеттите години, кога употребата на линданот била забранета. Дотогашното производство од 13.000 тони е оставено на отворено, без претходна подготовка на подлогата. Оставено е на земја. Неколку години подоцна, поради неподносливата миризба на пестицидот, депониите се покриени со околу 20.000 тони земја. Па сега таму опстојува над 30.000 тони опасен отпад! Загадени се подземните води, истовремено ветерот ја разнесува прашината во воздухот. Линданот се сврзува и со честичките ПМ10, а се разнесува и насекаде по почвите.
Со норвешка помош ќе се отстранува линданот од Охис
Во декември лани, Министерството за животна средина испрати допис до Министерството за образование и наука да не се организираат екскурзии и на Пеленица, Драчево, местото за кое има сомневање дека се наоѓа необележана депонија со канцерогениот линдан кој потекнува од фабриката ОХИС.