Вработените во јавната администрација ќе одат во пензија со навршени 62 години за жени и 64 за мажи и тие нема да има можност за продолжување на работниот однос до 67 години. Со новите законски измени кои се во фаза на изработка се бара решение за проблемот со дефицитарниот кадар, лекарите специјалисти и професорите во високото образованите, на факултетите. Ова за НОВА го потврди Јован Митревски, координатор на пратеничката група на СДСМ кои се и предлагачи на законските измени.
Измени ќе има во дел од Законите з а работни односи, за здравствена заштита, за административни службеници, за високо образование и во Законот за вработени во јавниот сектор.
Митревски објаснува дека во делот на Законот за работни односи во приватните фирми за продолжување на работниот однос ќе одлучува работодавачот и тоа на барање на вработениот.
„Во администрацијата нема дилеми, таму нема да има продолжување на работниот однос после навршени 62, односно 64 години. Во приватните фирми пак, работодавачот ќе одлучува дали ќе му се продолжи работниот однос на барање на вработениот, што е секако добро за самовработените. Во моментот размислуваме како да го решиме проблемот со дефицитарниот кадар, лекарите специјалисти и професорите во високото образование. Во секој случај нема да се дозволи да останеме без овој дефицитарен кадар“, изјави за НОВА, Митревски.
И министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска смета дека пензионирањето за мажите на 64 години и за жените на 62 години ќе се филтрира јавниот сектор без дополнителен финансиски товар за земјата.
„ Јавната администрација со години се обидуваме да ја реформираме и да ја ослободиме. Со ова добиваме дополнителна стартна позиција со што и младите кои што се кадарни да се вработат, а во бизнис секторот доколку компанијата има потреба да ја зголеми својата продуктивност со одредено возрасно лице, може да остане во таа компанија“, рече министерката Царовска.
Откако во јавноста излезе информацијата дека се прават законски измени во делот на старосната граница на пензионирање, реакции и негодување имаше токму овие две дефицитарни професии, лекарите специјалисти и професорите во високото образование.
Лекари специјалисти за НОВА, велат дека доколку нема продолжување на работниот однос до 67 години, здравствениот систем ќе колабира бидејќи плејада квалитетни лекари за една година ќе заминат во пензија, а нема доволно специјалисти за да ги заменат.
„Многу од лекарите специјалисти во Клиничкиот центар за една година ќе заминат во пензија, доколку немаат можност да продолжат со работа до 67 години. Тоа е генерација на квалитетни специјалисти кои се уште го одржуваат здравството и доколку овој и така дефицитарен кадар си оди, системот ќе колабира“, велат лекари за НОВА.
Слична е состојбата и во високото образование, со професорите. Законските измени се уште се во работна верзија и по нивната доработка ќе бидат ставени на разгледување во Собрание на првата пленарна седница.