Децата кои досега престојуваа во поранешната установа „Ранка Милановиќ“ од денеска се згрижени во двата мали групни домови, во топла средина налик на семејната.
-Од денеска, „сивиот дом“ на нашиот социјален систем замина во историјата. Со интензивна стручна поддршка и 24 часовен надзор ќе им помогнеме на децата кои на рана возраст дошле во судир со законот, да зајакнат и да се развијат во идни активни граѓани кои учествуваат во заедницата. Реинтеграцијата на децата е нашата цел – во иднина да имаме примери на успешни млади кои го оформуваат образованието и стекнуваат позитивни животни вештини, вели министерка за труд и социјална политика Мила Царовска.
За заменик претставничката на УНИЦЕФ Елспет Ериксон, денеска се прави уште еден важен чекор кон ставање крај на сместување деца во институции.
-Домот е место во кое секој треба да чувствува припадност и сигурност. Ова се однесува за сите деца, но особено за децата со комплексни емотивни потреби кои најчесто застрануваат од патот поради недостиг од поддршка во семејството и заедницата. Без оглед на тоа колку добро е опремена, или колку се квалитетни вработените, една институција не може да ја замени љубовта и поддршката што постои во семејно опкружување, рече Ериксон, додавајќи дека со ова штотуку започнува трансформацијата во работата на Ранка Милановиќ и опвој процес ќе бара континуирана посветеност и инвестиции за секое дете да има можност да се справи со негативните искуства и да го развие својот целосен потенцијал.
Директорката на Јавната установа за згрижување деца со социјално-воспитни проблеми и нарушено поведение „25 Мај“ Виолета Масевска Палиќ рече дека службата за деца со социјално-воспитни проблеми повеќе од една година згрижува над 25 деца во пет групни домови, при што децата редовно одат на училиште, бегствата се драстично намалени, се вклучуваат во креативни работилници, организираат изложби и немаат судир со законот, што порано беше секојдневие.
-Тоа не уверува дека и во овие нови групни домови за децата со нарушено поведение ќе обезбедиме грижа, поддршка и стручна работа што ќе им помогне на децата да се развијат во креативни и исполнети личности, вели Масевска Палиќ.
Во изминативе две години отворени се вкупно 20 мали групни домови за деца и уште три за возрасни, со што бројот на лица долгорочно згрижени во институциите е намален за повеќе од една третина.
Денеска во институциите има уште 5 деца до 18 годишна возраст, а министерката Царовска најави дека до крајот на годинава, ниту едно дете под 18 годишна возраст нема да биде сместено во институција во земјава.









