Британскиот премиер Борис Џонсон ќе го повлече законот за Брегзит и ќе свика парламентарни избори, доколку пратениците во Парламентот се откажат од планираниот распоред за расправа, во рамки на која законот треба да биде изгласан.
Ова за Би-Би-Си го изјави извор од британската Влада, наведувајќи дека „владата не сака да губи време со овој парламент“.
Законот за Брегзит беше објавен вчеравечер и во британскиот Парламент во тек е расправа по него.
Гласањето за законот треба да се случи околу 19 часот по локално време.
Пратениците од опозицијата велат дека немале доволно време детално да го разгледаат законот.
Лидерот на британските лабуристи Џереми Корбин изјави денеска дека неговата опозициска партија нема да го поддржи договорот, ниту неговиот временски распоред за усвојување на законот за Брегзит во Парламентот.
– Мое мислење е дека треба да гласаме против овој предлог вечерва, рече Корбин на почетокот на парламентарната расправа за одобрување на закон што ќе и овозможи на Велика Британија да ја напушти Европската унија со постигнат договор на 31 октомври.
Тој исто така додаде дека неговата партија ќе се спротивстави на таканаречениот програмски предлог, со кој се утврдува краен рок парламентот да усвои закон за Брегзит.




