Парламентот на Хонг Конг денеска формално го повлече спорниот предлог закон со кој се овозможуваше екстрадиција во Кина, што беше првичната причина за повеќемесечните протести.
Во меѓувреме, учесниците во протестите истакнаа „пет барања“, што значи дека одлуката на Парламентот не значи ништо и најверојатно нема да ги прекине протестите.
Претседателката на Владата на Хонг Конг, Кери Лам повеќепати изјави дека предлог законот всушност е „мртов“, додека другите барања, вклучително и универзалното право на глас и амнестија за обвинетите за нередите не се во нејзина ингеренција.
Демонстрантите бараа и Лам да се повлече од власт и да се спроведе независна истрага за полициското насилство врз учесниците во протестите.
– Нема голема разлика помеѓу суспензија и повлекување (на предлог законот за екстрадиција)… Тоа е премалку и предоцна, изјави 27-годишната демонстрантка Кони, додавајќи оти Владата треба да ги исполни и другите барања, посебно барањето што се однесува на употребата на прекумерна сила од страна на полицијата.
Во протестите во Хонг Конг, што почнаа во јуни, уапсени се над 2.300 луѓе, двајца се застрелани од огнено оружје, а илјадници се повредени.





