Абу Бакр ал-Абдади е мртов, објави на денешната прес-конференција американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој истакна дека изминатата ноќ САД донеле „правда за најголемиот терористички лидер во светот“.
Трамп рече дека лидерот на терористичката Исламска држава е убиен откако влегол во тунел од кој немало излез.
Американскиот претседател оцени дека со ова САД го „уништиле калифатот на ал Багдади“ во целост. Тој ги опиша Ал Багдади и неговите приврзаници како губитници.
– Тие немаа претстава во што се впуштаат – во одредени случаи беа уплашени како кутриња, а во други беа тврдокорни убијци, потенцираше Трамп, опишувајќи го лидерот на ИД како „болен и расипан човек“, кого, „веќе го нема“.
– Тој беше „злобен и насилен и умре на злобен и насилен начин…Умре како кукавица. Светот сега е многу побезбедно место, рече американскиот претседател.

Трамп им се заблагодари на Русија, Турција, Сирија и Ирак и сириските Курди за „одредена поддршка што можеле да ја дадат“. Исто така се заблагодари на „големите експерти за разузнавање“ и на вооружените сили. Тој појасни дека САД го следеле Ал Багдади неколку седмици. Трамп рече дека било опасно да се лета над нечија друга територија, но имале соработка со други држави. – Летавме многу, многу ниско и многу брзо, објасни Трамп.
– Русија не третираше одлично … Ирак беше одличен. Навистина имавме голема соработка , вели тој. Трамп рече дека Турција знаела дека САД „влегуваат“.
Потенцирајќи дека приврзаниците на Ал Багдади треба да знаат дека тој е мртов и оти умрел како кукавица, Трамп дополни дека во операцијата се убиени голем дел од тимот на терористичкиот водач, но дека точниот број треба да се утврди во следните денови. Исто така, тој појасни дека иако се соочиле со „жесток оган“, нема жртви на американска страна, освен што е повредено едно куче, кое е вратено во САД.
Тој ја долови и синоќешната атмосфера во Белата куќа, појаснувајќи дека со неговиот тим во 5 часот изутрина ја следеле во живо акцијата. Трамп рече дека се слушале истрели кон американските хеликоптери, по што Американците возвратиле на огнот.
По убиството, веднаш бил направен ДНК тест, а биле донесени во САД и делови од телото на Ал Багдади. – Не остана многу од него, истакна Трамп, додавајќи дека 15 минути подоцна бил потврден неговиот идентитет.
Тој уште откри дека од кога станал претседател пред три години сакал да биде пронајден Ал Багдади. Оценувајќи дека смртта на лидерот на Ал Каеда Осама бин ладен била значајна, истакна дека вестта за Ал Багдади е уште позначајна. Тој вели дека Бин Ладен не бил глобално име во тероризмот до 11 септември 2011 година, за разлика од Ал Багдади кој бил одговорен за изградбата на калифатот.
Новинската агенција Анадолија, со свои тимови го посети местото на четиричасовната операција на САД.

На фотографиите на Анадолија се гледаат урнати куќи, уништени возила, како и вдлабнатини настанати од детонација.

Медицински тимови за Анадолија соопштија дека дека виделе една куќа која во целост е уништена и неколку изгорени шатори. Според нив, на самото место биле пронајдени седум тела, од кои тројца мажи, три жени и едно дете. На петмина повредени им била укажана помош.
Москва демантира помош
Руското Министерство за одбрана попладнево го демантираше Трамп дека учествувале во ликвидацијата на лидерот на терористичката Исламска држава.
– Не знаеме ништо за каква било помош на американските авиони во воздушниот простор на Идлиб за целите на операцијата, рече портпаролот на Министерството, Игор Конашенков.
Конашков оцени дека и убиството на Ал Багдади нема многу да влијае на ситуацијата во Сирија.
– Откако ИД беше поразена од страна на силите на сириската Влада и со поддршка на руските воздушни сили на почетокот на 2018 година, уште една смрт на Абу Бакр ал-Багдади нема да има влијание ниту на ситуацијата во Сирија, ниту на акциите на терористите кои останаа во Идлиб, констатираше рускиот портпарол.




