Гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом прогласи вонредна состојба на цела територија на оваа американска сојузна држава бидејќи поради пожарите и екстремните временски услови наредена е евакуација на 200.000 жители.
Над 2 милиони жители на Калифорнија се без струја откако најголемата компанија за дистрибуција превентивно го запре снабдувањето за да спречи нови пожари.
Њусом изјави дека властите ги користат сите расположливи ресурси во борбата со пожарите, кои се поттикнати од исклучително силниот ветер. Голем пожар ја зафати и областа на долината Напа на северот на Калифорнија позната по големиот број лозја, додека другиот пожар го загрозува градот Ваљехо во заливскиот дел на Сан Франциско. На југот на Калифорнија во областа Санта Кларита кај Лос Анџелес огнот уништи 18 објекти и во опасност се станбени куќи и важна инфраструктура. Најголемата евакуација беше во округот Сонома каде 180.000 луѓе добиле наредба да ги напуштат домовите.
Поради стравување дека ветровите би можеле да го разгорат огнот и на главниот пат, властите наредија евакуација и во делови на градот Санта Роса, со 175.000 жители, кој пред две години беше уништен исто така од пожари. Без струја од саботата навечер се 2,3 милиони луѓе во 36 калифорниски окрузи.




