Никој не знае од кога Игор Спасов, осудениот за убиството на Мартин Нешковски, е во бегство, за кого од вчера е распишана национална потерница. Тој последен пат испратил документација до Судот во Штип на 18 септември, а во затвор требаше да се пријави еден месец пдооцна, но оттогаш му се губи секаква трага. За време на неговиот отпуст од затвор, Спасов не го обезбедувале полицајци.
Познавачи на законските одредби за извршување на санкции за НОВА коментираат дека кога осудено лице ќе добие прекин на затворската казна како што е случајот со Спасов, затвореникот не го чуваат затворски чувари.
„Ако затвореник ја издржува казната, а влегува во склоп на казната, затвореникот го обезбедува затворска полиција. Меѓутоа, при прекин на казната не го обезбедува никој. Му се дава прекин на казната што значи дека периодот додека е на болничко влегување не влегува во издржувањето на казната и тоа лице се лекува како и секој граѓанин. Но, е должен секој месец да доставува медицинска документација до Судот кој му дал подолг отпуст од еден месец“, велат за НОВА познавачи на оваа материја.
Во новиот Закон за извршување на санкции е намален опсегот до кога може да се дава лекување, но Судот и натаму има право да дава право на отпуст за затворениците поради здравствени проблеми.
На Спасов цели 14 месеци му бил продолжуван затворскиот отпуст поради здравствени причини. На 18 август кога требал да се врати во Идризово, тој до Судот во Штип доставил ново барање за продолжување на лекувањето. И на ова барање Судот во Штип позитивно одговорил и му дал дополнителен отпуст од два месеци, се до 18 октомври. На овој ден Спасов не се појавува во затворот во Идризово.
Од полицијата велат дека се трага по Спасов без да споделат повеќе информации дали имаат сознанија за евентуално бегство на Спасов надвор од државата.

Новиот претседател на штипскиот суд Ѓорѓи Андонов кој денеска положи заклетва во Судскиот совет рече дека за отпустот на Спасов се одлучувало врз основа на медицинска документација од лекари специјалисти и судски вештаци кои препорачувале болничко, а потоа и домашно лекување за Спасов.
Затвореникот секој месец согласно Законот доставувал до Судот медицински белешки за текот на лекувањето. Последното го доставил на 18 септември. Институциите се вклучуваат во потрага на Спасов еден месец пододцна, но никој не знае кога тој побегнал. Доколку бегалецот не се лоцира со национална ќе се распише меѓународна потерница.
Спасов е осуден на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешковски на прославата на ВМРО ДПМНЕ по парламентарните избори во 2011 година. Тој е во затвор од 2011 и треба да одлежи уште 7 години и три месеци затвор.




