На јавното сослушување што се одржа синоќа во рамките на истрагата за импичмент на претседателот Доналд Трамп, се открија нови детаљи од наводно оркестрирана кампања спроведена од блискиот круг на претседателот чија цел била странска држава да наштети на противник на Трамп, пренесува МИА од Вашингтон.
На распитот кој беше пренесуван и преку телевизија, учествуваа американскиот амбасадор во Украина, Вилијам Тејлор и Џорџ Кент, кој во Стејт департментот ги надгледува односите со Украина.
Клучниот момент во шест иполчасовното сослушување беше кога Тејлор откри дека вработен во неговиот тим бил присутен на телефонски разговор помеѓу амбасадорот на САД во ЕУ, Дејвид Сонленд и Трамп за Украина, во кој претседателот споменал збор „истрага“.
-Мој службеник укажа дека Сонленд му потврдил на Трамп дека Украинците се подготвени да ја започнат, изјави Тејлор.
По разговорот, Сонленд бил прашан за тоа какво е мислењето на претседателот за Украина, на што тој одговорил дека „Трамп на прво место е заинтересиран за истрага на Бајден за која притискал Џулијани“.
Руди Џулијани е личниот адвокат на Трамп и е во центарот на обвинувањата на демократите дека под негови укази претседателот одредено време водел паралелна надворешна политика кон Украина, заобиколувајќи ги воспоставените дипломатски канали. Сонленд е сопственик на хотели кој донирал милион долари во кампањата на Трамп.
Овој разговорот уследил еден ден по телефонскиот разговор помеѓу Трамп и украинскиот претседател Володомир Зеленски, што поттикна истрага за импичмент, и укажува дека Трамп бил најмногу заинтересиран за истрага околу украинските бизниси на Хантер Бајден, син на поранешниот потпретседател Џо Бајден.
По завршувањето на шест иполчасовните први распити претседавачот на Комисијата за разузнавање Адам Шиф, изјави дека исказите на Тејлор и Кент укажуваат дека тимот на Трамп дејствувал со намера за условување на воената помош за Украина во висина од речиси 400 милиони долари, за Киев да отвори истрага за Бајден.
-Ова не служи на нашите национални интереси и ги погазува, истакна Шиф. Додаде и дека станува збор за Украина, земја која се наоѓа „во состојба на војна на браникот на рускиот експанзионизам“.
-Дали треба да прифатиме ситуација кога претседателот условува воена помош, официјални средби или други форми на официјални односи за лична или политичка цел? Може ли да прифатиме факт за тоа кој било иден претседател на САД да може да предложи странска држава да се вмеша во нашите работи? Ние одлучуваме по прашање за тоа дали актуелниот претседател на САД треба да биде повикан на одговорност, но нема да предвидувам за нашето решение, изјави Шиф.
Јавните распити продолжуваат в петок со сведочењето на дипломатот Мари Јованович, поранешна амбасадорка на САД во Украина, која беше отповикана, а следната недела искази ќе даваат уште деветмина други сведоци.




