-Досега не постои пријавена или регистрирана трговска марка, географска ознака или комерцијално име на компанија (фирма) во регистрите на Европскиот завод за интелектуална сопственост (EUIPO) или на Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO) (Маридски договор или Мадридски протокол) со ознака “Macedonia is GReat”. Доколку биде пријавен како трговска марка, за тоа ќе се изјасни соодветниот завод пред кого ќе се бара признавање, вели за НОВА Ѓорѓи Филипов координатор на Меѓународната група на експерти која согласно Преспанскиот договор ќе ги решава прашањата поврзани со трговските ознаки.
Неговиот коментар е во контекст на вчерашното промовирање на трговската ознака „Macedonia the GReat“ од страна на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на бизнис форумот во Солун, за производите што ќе бидат извезувани во светот, а се произведени од грчкиот регион Македонија.

Бидејќи вакво нешто не е разгледувано, ниту на грчкиот, ниту на македонскиот дел од Меѓународната група на експерти, ниту пак на целата група во која има член(ови) од (WIPO), а се очекува именување и на член(ови) од ЕУИПО, амбасадорот Филипов вели дека засега не е овластен ниту тој, ниту кој било друг член од грчка или македонска страна, ниту пак некој од претставник од меѓународните организации да даваат коментари во име на Меѓународната група на експерти.
Оваа група, која е формирана во јуни годинава, досега одржа една седница, на 22 јуни во Скопје, а во најскоро време се очекува да ја одржи втората седница. Во меѓувреме, како што вели Филипов и на двете страни се одржуваат консултации, договарања, се пласираат предлози како да се работи, бидејќи главни протагонисти треба да бидат деловните заедници од од двете земји, на кои, оваа експертска комисија им стои на располагање како советодавно тело за тоа дали работата е во согласност со Спогодбата од Преспа и меѓународното право, во контекст на европските директиви за ова подрачје.

Ова е регулирано во Членот 1 став 3 ж од Преспанскиот договор каде се истакнува дека „Страните се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат своите деловни заедници да воспостават искрен, структуиран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата кои произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво’.
Филипов укажува дека индустриската сопственост, кадешто спаѓаат и трговските марки е приватна сопственост и според оваа одредба, ништо нема да се промени додека двете страни не се усогласат со решенијата. Вели дека деловните заедници, стопанските комори разменија писма со намери да се соработува кон правилно разрешување во духот на добрата деловна практика и Спогодбата од Преспа, но не му е познато дека се одржани официјални средби.
Од Стопанската комора за НОВА велат дека околу трговските марки засега единствена адреса е експертската комисија, бидејќи ваквата комисија на ниво на коморите е во фаза на формирање.
Македонски ајвар, кривопаланечки мед, дисан, кочански ориз и охридски бисер
Слоганот „Macedonia the GReat“, со потенцирани букви ГР како кратенка за Грција и буквата „М“ како ознака, испишани со бело на сина позадина вчера ги презентираше Здружението на извозници на Грција, во присуство на грчкиот премиер Мицотакис.
– Се обврзав дека ќе се справиме со негативните последици од Договорот од Преспа, поддржувајќи ги професионалните групации од Северна Грција за да се воспостават унифициран колективен идентитет, кој ќе ги раздвојува производите што се произведуваат отсега понатаму на македонската почва. Верувам дека овој софистициран знак, претставен денеска и кој веднаш ќе биде доставен до Европската канцеларија во Аликанте, ја постигнува оваа цел, рече Мицотакис појаснувајќи дека тој ги покрива сите три региони: Источна Македонија, Централна Македонија и Западна Македонија, додавајќи дека овој „идентитет упатува и на минатото, но и отвора пат за пооптимистичка посветла иднина“.
Според податоците на Државниот завод за индустриска сопственост, македонските компании имаат меѓународно регистрирани 344 трговски марки, а само пет го содржат името Македонија. Меѓународно регистрирани македонски географски ознаки има вкупно пет и тоа: македонски ајвар, кривопаланечки мед, дисан, кочански ориз и охридски бисер.
За сите идни користења на името Македонија, како дел од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитните знаци, согласно Спогодбата од Преспа, ќе решава меѓународната група на експерти, која има рок три години, односно до крајот на летото 2022. Од отпочнувањето на работата, практично се поминати 4-5 месеци.