„Како дополнување на помошта за Албанија, кон оваа земја веќе се упатени и тимови за спасување составени од 30 стручни лица кои ќе учествуваат во акциите за спасување и прва помош за граѓаните во настраданите подрачја“, соопшти владината прес – служба.
Покрај тоа, Градот испрати и беспилотно летало кое ќе врши 3Д мапирање на теренот за да им помогне на спасувачките служби кои се на терен во најпогодениот град Драч.
„Денеска во раните утрински часови контактирав со градоначалникот на збратимениот град Тирана со кој сме добри пријатели со цел да ја понудам помошта од Град Скопје. Екипите се подготвени да заминат. Очекувам денеска во раните вечерни часови да пристигнат на погоденото место и да се стават на располагање на службите во Драч“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Во одговор на прашање посочи дека за утре е закажана седница на Советот на која ќе се донесеодлука за испраќање дополнителна помош.
„Утре имавме закажано редовна седница на Советот на Град Скопје. Утрово комуницирав со координаторите на советничките групи во Градот и ќе имаме вонредна точка на седницата на Советот за доделување парична или материјална помош. Во зависност од тоа што ќе биде побарано од нас, таква одлука утре ќе донесе Советот по што ќе почнеме со испраќање на помошта за настраданите луѓе во земјотресот во Албанија“, рече Шилегов пред почетокот на втората презентација на ревидираната Студија за валоризација на Водно во салата на Советот на Градот.
На вонредната седница, пак, на Советот на Општина Чаир, што ја свика градоначалникот Висар Ганиу за дефинирање на институционална помош за местата погодени од силниот земјотрес во Република Албанија, од страна на присутни советници беше едногласно донесена одлука за издвојување на 720.000 денари или 12.000 евра финансиска помош за Република Албанија, односно за регионот погоден од земјотресот.
Освен финансиската помош, се собираат и потребни материјали кои во текот на денот ќе бидат испратени во градот Драч и неговата околина како ќебиња, лекови, прехрамбени пакети, млеко за деца, хигиенски средства, опрема и средства за отстранување на урнатини и друго.




