Фејсбук и веб-страниците за продажба секојдневно се надополнуваат со огласи за изработка на семинарски работи, магистерски трудови, проектни задачи.
Истражувањето на Радио МОФ покажува дека магистерска по економија од 60 страници чини 200 евра. Семинарските се далеку поевтини, па може да се купат од 400 денари нагоре, зависно од тежината и број на страници. Има и поевтини варијанти, па така од друг „пишувач“ ваков труд од 60 страници може да се добие за 7800 денари.
-Цената на магистерските трудови е 130 денари од страна и вообичаено се готови во период од 30-45 денови. Користиме странска и домашна литература во однос на темата. Принципот на работа може да се одвива глава по глава (на пример изработуваме една глава и ви ја предаваме) може прво теоретскиот дел, па истражувањето. Плаќањето е половина однапред и половина откако ќе се започне со останатиот дел. Магистерските ги изработуваат стручни лица во однос на темата, е одговорот што Радио МОФ го добиле од Фејсбук од група која продава семинарски и магистерски трудови.

Професорката Мирјана Најческа, која предава на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ, зборува за нејзиното искуство со магистерските трудови на студентите.
-Толку е паднато нивото на квалитет на се` она што претставуваат трудови кои што доаѓаат од студентите, посебно од студентите на постдипломски студии со кои работам и на докторските студии. Професорите се спремни да гледаат дури и низ прсти, само да ги завршат циклусите во кои што влегле студентите за да можат да дојдат до одредено ниво на завршни трудови и завршување на магистерските и докторските студии. Јас лично да, сум дошла во допир со плагијати неколку пати и сум реагирала на тој начин што едноставно сум излегла од менторството, односно од комисијата во која што сум членувала, бидејќи не секогаш човек може докрај да се избори со она што претставува конформизам, кој што се негува веќе на нашиот факултет во однос на овие работи, вели Најческа
Во однос на тоа какви санкции се преземаат, Најческа вели дека засега за ваков проблем, нема начин како да се реагира на системско, државно ниво.
-Едноставно студентот ќе отиде во приватна институција во којашто не се прифаќа повисоко ниво на контрола, од аспект на она што претставува плагијат, несоодветно превземање на содржини и слично. Остануваме во некое лимбо во кое не знаеш како да реагираш, од една страна можеш условно кажано да го избркаш тој студент од постдипломските или докторските студии, со тоа што ќе го изгубиш студентот. Од друга страна, знаеш дека не си ја постигнал крајната цел дека тој човек повторно ќе ја добие соодветната титула со плагијатство на некој друг универзитет, појаснува професорката Најчевска.
Постојат голем број странски софтвери за откривање на „copy-paste“ текст. Согласно Законот за научно-истражувачка дејност, софтверот plagijati.mk, кој датира од 2011 година, е задолжителен за сите магистерски, специјалистички и семинарски трудови кои мора да бидат внесени од страна на менторот, односно професорот. Со ова се формира централна база на податоци на овие трудови која може потоа да се користи за откривање на плагијати.
-Плагијати е алатка која помага во откривање на плагијаторство од огромна база на трудови,но не може со 100% да каже дека некој документ е плагијат или не. Тоа е одлука на менторите. Сепак, студентите не можат да предадат исти или слични трудови на оние веќе објавени или презентирани од претходните генерации, затоа што оваа алатка многу брзо ги открива. Значи мора да се потрудат да направат нешто ново, велат од МОН.
Актуелна состојба во софтверот според МОН

На сајтот се поставени вкупно 37 987 документи, покажува статистиката на МОН. Меѓу нив и магистерски, дипломски и докторски трудови. Од анализирани 4018 документи, софтверот пронашол 50% совпаѓање кај 28 трудови, а кај 33 дури 90% совпаѓање. Онами каде се забележува 100 % совпаѓање, од МОН коментираат дека се работи за случаи кога ист документ е поставен двапати.

Лицата кои ги контактиравме за изработка на семинарски и магистерски трудови од нас побараа податоци на кој факултет студираме, кој е менторот и дали имаме потреба од презентација. За својата работа даваат гаранција дека документот нема да биде плагијат и дека студентот ќе добие висока оценка.
*Преземено од Радио МОФ




