Последниот пат кога зборувавте пред нашата камера покажавте значителен оптимизам за изгледите и за иднината на регионот во евро-интеграциските процеси. Дали сметате дека згрешивте?
„Да, мислам дека го потценив микро-размислувањето на главните европски политичари, како Макрон, кои играат кусогледи политички игри не земајќи го предвид општиот интерес на Европската Унија. А општиот интерес на Европската Унија вели дека Северна Македонија мора да биде членка на Европската Унија и дека преговорите мора веднаш да започнат.
Како ја толкувате одлуката на Макрон на последниот Европски совет во октомври да не им дозволи на Северна Македонија и Албанија да започнат со преговори ?
„Се работи за еден вид на пазарење помеѓу Макрон и Германија. Тој бара нешто од Германија кое Германија не сака да го даде. Германија сака Северна Македонија и Албанија да започнат преговори, па тој се пазари. Но, постои и друг проблем – тој флертува со својот електорат. Националистичкиот електорат во Франција не ги сака Муслиманите (Албанците), иако не знаат што зборуваат бидејќи не се добро информирани граѓани, па Макрон игра на картата –Да, не сакаме повеќе Муслимани и странци. Тоа е политички профитабилно, и тоа се причините зад неговата постапка. Но, барем се отвори голема дебата за проширувањето. Тука во Европскиот парламент имаше дебата за можноста за проширување во АФЕТ (Комитетот за надворешни работи).
Што е следно? – Кое е решението?
„Пред сè, сметам дека Северна Македонија заслужува да започне со преговори веднаш. Второ, ова Вето од француската влада мора да се отповика и преговорите мора да започнат. Сè уште сум оптимист, под услов европското лидерство конечно да сфати што се случува. Бидејќи Северна Македонија и Владата на Г-дин Заев направија големи напори – тие покажаа храброст, покажаа политичка визија, и што се случува на крај? Фрламе горда земја, како и секоја друга земја во светот и регионот, во политички хаос и неред.
Дали сметате дека оваа одлука (или отсуство на одлука) на Европскиот совет од октомври ќе биде сменета во блиска иднина?
„Да. Апсолутно. Ќе биде сменета. Тоа е наша желба и желба на големо мнозинство од Европскиот парламент, со исклучок на крајната десница (ним им е доста од ова и не им е грижа за Европската Унија). Но, да, сметам дека тоа го сакаат повеќето лидери на Европската Унија и Г-дин Макрон мора да ја преиспита својата одлука. Тој мора да сфати дека старите добри времиња на колонијализмот се минато и дека не може да си игра со иднината на мали нации кои се исто толку горди колку и Франција.
Како голем поддржувач на Преспанскиот договор, дали сметате дека Преспанскиот договор ќе биде доведен во прашања доколку Северна Македонија не започне преговори, со оглед на тоа што референдумот беше во голем дел поврзан со европската перспектива на Северна Македонија?
„Да, веројатно. Не знам до кој степен тој ќе биде доведен во прашање, но стабилноста на Западниот Балкан е секако доведена во прашање, а нам во Европската Унија ни е потребен стабилен Западен Балкан. Не ни требаат политички превирања, не ни требаат конфликти, не ни требаат уште повеќе бегалци од војни и судири кои доаѓаат во Европа. Сакаме стабилен Западен Балкан. Затоа мислам дека е многу важно да се почитува Договорот. Не сметам дека самиот Договор е во голема опасност, тој е само парче хартија. Она што треба да го направиме е да делуваме, да го подобриме начинот на кој делуваме, да направиме промени во учебниците, да развиваме подобри економски и пријателски односи. И, секако, двете влади во Атина и во Скопје да покажат волја за негово имплементирање.
Имате несогласувања со вашиот противник од Неа Демократија за време на усвојувањето на Преспанскиот договор во текот на јавната дебата во Грција. Кој е вашиот коментар за начинот на кој Неа Демократија, сега како владејачка партија, постапува во однос на Преспанскиот договор?
„Она што Неа Демократија го правеше е дефиниција за демагогија и популизам. Тука во Европскиот парламент зборуваа едно и го поддржуваа Договорот, но пред изборите во Грција зборуваа нешто сосема друго. Сега, по изборите, наративот е целосно променет. Сега велат дека не само што ќе го уважат Договорот, туку и ќе почитуваат. Тоа значи дека сега се за Договорот, додека пред 2-3 месеци велеа дека тој е предавство за земјата. Тоа е, за жал, дефиниција за популизам и дефиниција за лажење. Сигурен сум дека оваа влада, со својата позадина, не може да има јасна слика за иднината.
Дали мислите дека Северна Македонија во моментов има искрена поддршка од грчката дипломатија за зелено светло за започнување на преговорите?
„Да, мислам дека ќе добијат поддршка, бидејќи самиот Мицотакис, доаѓајќи од семејство кое секогаш го поддржуваше Договорот, го сака тој Договор, но играше валкани политички игри за повеќе гласови. Така, и покрај фактот што ја хранеше јавноста со национализам и омраза, тој нема да отстапи. Поинаку и не може, бидејќи не може да ја смени позицијата на Грција во Европската Унија, тоа би било на негова огромна штета.