Битката за тронот во Фершпед ја зголеми цената на акциите на оваа компанија на берзата. Според последните податоци од Македонската берза цената на една акција изнесува 2.700 евра и за помалку од еден месец, цената на акциите на Фершпед е зголемена за 2, 7 пати.
Од Македонската берза велат дека ги следат состојбите со тргувањето на акциите на Фершпед. На инвеститорите моментално им се јавно достапни соодветни информации објавени како од самото друштво, така и од определени поголеми акционери во друштвото, врз основа на кои што можат да се донесуваат адекватни одлуки за купување, продавање или воздржување од тргување, стои во соопштението од Берза.
Долгогодишното партнерство меѓу двата мнозински акционери Штерјо Наков и Кираца Трајковска пукна откако Трајковска на први декември за НОВА го образложи својот потег- зошто со соопштение ја информираше и алармираше јавноста за, како што таа вели, незаконското работење на првиот човек на Ферпед, Штерјо Наков и неговиот син Драган Наков, како и претседателот на Управен одбор, Иван Петровски.
-Главната намера и целта на Накови е да се обезвредни фирмата, односно акциите и со тоа да станат доминантни, мнозински акционери семејството Накови- со таа цел именуваа неспособни, неквалификувани работници.
Методата е на акционерите да се бараат бланко потписи за гласањето на Вонредното собрание , и со тоа да добијат полномошни застапувања од останатите акционери, преку одредени луѓе на фирмата, за да се овозможи Накови да одлучуваат за управувачката структура.
Разочарана сум од однесувањето на Штерјо Наков- да ме елиминира од тековното работење и да наметне самоволие, тортура врз вработените, незаконско намалување на платите и неефикасно работење, кое финансиски го трпи фирмата и вработените. Разочарана сум што ме омаловажува Штерјо Наков, што ме игнорира мене, која сум дел од врвот во фирмата со цел да ме оддалечи од тековното работење.
Оваа војна која е објавена не само кон неа туку и кон другите акционери, резултирала со полициска интервенција.
Трајковска ги пријавила во полиција- Штерјо Наков и неговиот син Драган Наков, како и претседателот на Надзорен одбор, Иван Петровски, откако обезбедувањето не и дозволило да влезе во Фершед.
-Ги пријавив тројцата во полиција, дадов изјава дека со нивна наредба мене не ми беше дозволено да влезам во фирмата која ја создававме со години.
Нејзиниот следен чекор го образложи со овие зборови-да ги охрабри акционерите да дојдат самостојно, без притисоци и тортура да гласаат и да одлучат за својата судбина и верува дека тие се на нејзина страна, на страна на правдата.
-Јас сум со вработените и акционерите со години во фирмата- чувствувам дека тие мене ме почитуваат, нема стравопочит, туку взаемна лојалност и почитување, изјави тогаш Трајковска за НОВА.
Застапникот на странскиот фонд Квест Инвестмент пак, обвини дека дел од мнозинските акционери со пари од брокерската куќа „Фершпед Брокер“ купувале акции во „Фершпед“, без да ги платат и дека се давани милионски позајмици кои не се вратени.
Наков ги отфрли обвинувањата како неосновани и изјави дека компанијата работи законски, дека не давале никакви позајмици, а не се вршел ниту притисок врз акционерите.
Фершпед работи законски, тоа се гледа и од успешноста на компанијата. Не е точно дека сме давале такви позајмици, не е точно дека сме вршеле притисок врз акционерите за потпишување на бланко полномошна, изјави Наков.
Според податоците, Штерјо Наков заедно со неговите синови поседува 25 % од акциите во Фершпед, Кираца Трајковска 10,63 %, Драгослав Димевски 5%, а странските инвеститори што ги застапува адвокатот Гушев близу 2,8% од акциите. Останатиот капитал го поседуваат многубројни други акционери.