Понесовте ли чекан со Вас?, ова прашање иронично и беше поставено на пратеничката од ДУИ Ермира Мехмети од страна на невладиниот активист Едмонд Адеми кој реферираше на случувањата со обидот за рушење на споменикот на Цар Душан на кој присуствуваше и пратеничката.
-Ако некој мисли дека јас се срамам од таканаречената акција чекан, јас не се срамам, затоа што верувам дека и таа акција претставува некаков политички став. Ако сите се согласуваат дека Скопје 2014 е своевиден културолошки вандализам, тогаш јас верувам дека е возможно и не знам зошто се доживува толку трагично тоа што на еден вид културолошки и мегаломански вандализам се одговора со вандализам.
Обидот за рушење на споменикот на Цар Душан пратеничката Мехмети го спореди со рушењето на споменикот на Ленин во Украина.
Дебата на која говори пратеничката Ермира Мехмети е дел од традициналната годишна дебата во организација на Младинскиот образовен форум. Годинешната тема беше насловена „овој дом не би гласал на избори“. Мехмети беше дел од тимот кој ја бранеше спротивната теза – изборите се шанса да се казнат политичарите, додека спротивниот тим ја аргументираше тезата дека граѓаните треба да изразат незадоволство преку неизлегување на избори поради отсуство на избор во политичките блокови.
На видеотот подолу погледнете ја целата дебата во која учествуваат градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, главниот уредник на ФОКУС Јадранка Костова, екс-премиерот Владо Бучковски, активистот од Движењето за социјална правда СОЛИДАРНОСТ Артан Садику, пратеникот Јани Макрадули и пратеничката Ермира Мехмети.