„Медена земја“ ќе се натпреварува во две категории за престижното, 92-ро издание на наградите „Оскар“. Американската филмска академија соопшти дека „Медена земја“ ќе се натпреварува во категоријата документарни филмови во кои влегоа 15 од првично предложени документарци. Македонскиот филм останува и еден од десетте номинирани во категоријата Меѓународен филм.
Филмот „Медена земја“ и кинематографите Самир Љума и Фејми Даут веќе ја добија наградата за најдобра кинематографија на Меѓународните документарни награди во Лос Анџелес. Документарецот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов ја доби и наградата „Паре Лоренц“ овој фестивал ја доделува за „давање пример за филмско снимање, со истовремено фокусирање на соодветната употреба на животната средина, правда за сите и откривањето на социјалните проблеми“.
Гласањето за номинациите почнува на 2. јануари и ќе трае до 7. јануари. 2020 година. И годинава домаќин на „Оскарите“ ќе биде „Долби театарот“ во Холивуд, церемонијата ќе се одржи на 9. февруари во Лос Ангелес.
Македонскиот филм „Медена земја“ беше прогласен за најдобар филм во 2019 година од страна на Друштвото на њујоршки филмски критичари, а „Њујорк Тајмс“ го стави на врвот на листата на најдобри филмови годинава. Филмот досега освои повеќе признанија во Европа и светот.