На самиот старт на говорот на министерот Иво Ивановски во Собранието на седницата на која денеска треба да се гласа за нацрт-законот за медиуми, новинарите во организиција на новинарскиот синдикат станаа со транспарент на кој беше испишана пораката „НЕ во наше име“.
Ивановски и претседателот на ЗНМ Насер Селмани во саботата имаа „заедничка прес-конференција за текот на преговорите околу нацрт-законите за медиуми“, како што беше наведено од министерството.
Ова го отвори прашањето дали Здружението е или не е во преговори со владата зад грбот на членството. Претседателот Селмани во саботата во разговор со НОВА тврдеше дека преговори нема и нема да има, како и тоа дека не знае зошто министерството во најавата за конференцијата се послужило со зборовите „тековни преговори“.
Самостојниот синдикат на новинарите, Македонскиот институт за мадиуми и Центарот за развој на медиуми и Фронтот за слободно изразување децидно соопштија дека се против законот за медиуми.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани во интервју за НОВА вели дека за нападите кон него дека зад грб на медиумската заедница го договара Законот за медиуми со власта, тој е немоќен да и се спротивстави на Владата, која ќе го донесе Законот, за што вели- виновни се сите: не е само власта, туку и опозицијата, невладините, ЗНМ и самите новинари.
Според Селмани имало притисок од страна на меѓународниот фактор, но дека се уште е против законот за медиуми и дека тие и министерството се усогласиле само по три прашања.
– Побараа од нас да ги доставиме нашите забелешки. Добивме одговор дека тие од тоа прифаќаат дел од нашите барања. Печатените медиуми се изземени и ќе имаат само три обврски да објават импресум и сопственичка струкгура, интернетот е надвор од регулација, во агенцијата ќе има и кандидат на ЗНМ, а секое ограничување на содржината во медиумите да биде во согласност со судската пракса на европскиот суд, рече Селмани.