Да бидеме искрени, НОВА не беше создадена како плод на нашето визионерство во однос на онлајн медиумите. Немаше тука некои големи зборови „Ееј, ние ќе правиме интернет медиум затоа што интернетот е иднината и тоа ќе ни донесе пари“ . Кога се роди идејата немавме ниту бизнис план, ниту стратегија. Едноставно, ние бевме луѓе спикани во ќош, луѓе кои немаа каде да одат. Новинари, сниматели и монтажери од поранешната А1 телевизија за кои што сите врати беа затворени.
Загубивме работа, вратите на повеќето од нас им затвораа една по друга уште пред да речеме „добар ден“, некои ги загубија пријателите, некои слободата, некои и своите домови откако извршителите и банките им станаа единствени соговорници, а други, пак, го загубија образот.
Така некако се роди НОВА, затоа што таа беше наша потреба. Наша егзистенцијална и професионална потреба на луѓе кои едноставно немаат каде да одат.
НОВА постои едвај една година, но таа веќе стана не само наш, туку и ваш дом. Стотици граѓани кои немаат каде да одат затоа што граѓанските интереси одамна не се „интересни“ за традицоналните медиуми дојдоа кај нас и ги раскажаа своите приказни. Тие граѓани беа исти како нас, луѓе кои немаат што да загубат, но имаат што да кажат. Луѓе кои понекогаш ја губат вербата во системот, но не и својот глас.
Во новата 2014 година НОВА Ве кани, вас граѓаните заедно да ја градиме уредувачката политика. Заедно да менуваме и да помогнеме во градењето на систем кој ќе биде производ на потребите на македонскиот граѓанин. Што е она за што сакате да пишуваме? Што би сакале да истражуваме? Што ви е важно? Која е вашата приказна?
Праќајте ни ги вашите идеи и предлози на tvnovaweb@gmail.com или пишувајте ни пораки и коментари на нашата фејсбук страница www.facebook.com/novatvweb . На 17 Јануари, роденденот на НОВА, ќе ги објавиме вашите предлози на нашата веб страница со временска рамка за истражување и објавување на предлозите.