Култната претстава “Чија си” на Сашко Насев се враќа во Драмски театар- овој пат, во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, вечерва премиерно се изведува, во 20 часот.
Првата изведба беше во режија на сега покојниот Димитар Станкоски.
Во новата изведба на „Чија си“ се прикажани животните патишта на луѓе од едно маало од периферијата на Скопје во 1980-тите години.
Се работи за култна претстава, која од премиерата во 1991 година, тогаш во режија на Станкоски, имаше 183 изведби на сцената на Драмски театар и низ Македонија.
– Протагонисти во претставата се истите тие луѓе триесетина години подоцна, кои врз себе го носат багажот на еден бивш систем, на една бивша држава, на еден бивш живот, на еден бивш свет на кој припаѓале и кој се распаднал, а нов не доизградиле. Во тој лавиринт се загубиле многу вистини, згаснале многу соништа и пропаднале многу надежи, вели режисерот.
Во актерската екипа се: Анастас Тановски, Благој Чоревски, Лазе Манасковски, Ванчо Петрушевски, Ленче Делова, Силвија Стојановска, Марија Кондоска, Ѓокица Лукаревски, Ѓорѓи Тодоровски и Душица Стојановска.
Сценограф на претставата е Валентин Светозарев, костимограф Благој Мицевски, а музиката е на Марјан Неќак.