Шуто Оризари повторно остана без гинеколог. Докторката гинеколог Вјолце Мбјара која пред три години је зема под концесија амбулантата во Поликлиниката во оваа населба, пред два дена си ги спакувала работите и ординацијата ја преселила во населбата Ченто. Од Иницијативата на жените од Шуто Оризари велат дека ординацијата е затворена, а на вратата затекнале известување дека е преселена во друга општина.
„Го прашуваме министерот за здравство, г-динот Венко Филипче, дали има предвидено решение за овој горлив проблем? Дали е склучен нов договор со друг гинеколог кој што ќе работи во самата општина? Доколку нема, предупредуваме за несаканите последици врз репродуктивното здравје на жените Ромки. Исто така потсетуваме дека доенечката смртност кај ромската популација е значително повисока во однос на неромското население“, велат од Иницијативата на жените Ромки.
Со ова, околу 12 000 жени од Општина Шуто Оризари сега се оставени без матичен гинеколог. Тие што имаат финансиска можност ќе патуваат до Ченто, но со оглед дека станува збор за социјално загозени семејства, тие тоа нема да можат да си го дозволат, вели Салија Бекир Халим од Инцијативата на жени Ромки.
„Жените останаа без медицинска грижа и без матичен гинеколог ќе се породуваат по тротоарите, ќе се зголеми доенечката смртност која и така е 10 пати повисока од другото население“, изјави Салија, за НОВА.
Жените од Шуто Оризари порачуваат до надлежните итно да се најде решение за овој проблем.
„Ние, жените од Шуто Оризари, апелираме до надлежните институции – Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија да изнајдат решение со цел да се надмине овој долгогодишен проблем. Како и сите жени, така и ние, жените Ромки, имаме право на еднаков и непречен пристап до услуги за репродуктивно здравје,“порачаа од Иницијативата.
Во Шуто Оризари гинеколог немаше цели 10 години, од 2007 година. Дури во 2017 година на предлог на тогашниот министер Арбен Таравари се најде излез. Тој вети дека вработувањето на докторката Мбиара ќе биде трајно решение и со тоа ќе се реши долгогодишниот проблем со недостатокот од матичен гинеколог во Шуто Оризари.