Првообвинетиот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13 на денешното судско рочиште кажа дека имал несоборливи докази за криминал поврзан со корупција на обвинителката Вилма Русковска вреден четири милиони евра. Поради тоа, побара нејзино изземање од „Рекет“.
„Дали лицето Вилма Русковска да го пријавам кај обвинителката Вилма Русковска? Каде да го пријавам лицето Вилма Русковска за корупција од 4 милиони евра за кои имам несоборливи докази?“, праша Јовановски.
Јовановски не образложи за што станува збор, и побара совет од судијката Васка Николовска Масевска каде и како да поднесе пријава за тоа. Кажа дека се обратил до обвинителството, но таму го пренасочиле на судот. Судијката Николовска Масевска му одговори дека се што има како пријава и докази треба да ги достави во обвинителството.
„Она што би сакал да го кажам пред овој суд и јавност е дека заедно со мојата одбрана сакам да поднесам 19 кривични пријави“, рече Јовановски.
Oбвинителката Русковска во изјава за медиумите ги отфрли обвнинувањата како небулозни.
„Јас ги охрабрувам сите кои имаат докази за било кого кој сторил кривично дело веднаш да пријават во полиција, без разлика за кого станува збор, ама со пријавата да ги достават и доказите. Негирам било каква моја поврзаност било каква корупциска афера“, вели обвинителката Русковска.