Околу 4.900 обрасци за пасоши има останато во моментот, а 14.900 граѓани чекаат да им биде издаден пасош. Новата пратка на обрасци за патни исправи од економскот оператор „Веридос“ треба да стигне на 24 март, а како што информира техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев се вложуваат натчовечки напори за забрзување на процесот и постои можност тие, евентуално, да стигнат десетина дена порано од тој термин.
По денешната посета на Секторот за внатрешни работи Скопје, Чулев истакна дека проблемот со личните карти и возачките дозволи е надминат, останува да се реши уште проблемот со пасошите и додаде дека проблемот со издавање лични документи го наследил од неговиот претходник, сегашниот технички премиер Оливер Спасовски.
„Јас и мојот тим сме во постојана комуникација со екомонскиот оператор „Веридос“ од Германија. Успеавме да го надминеме хаосот што го создаде тогашниот министер за внатрешни работи, а сегашен технички премиер Оливер Спасовски, со цел да предизвика неспокој кај граѓаните и да предизвика одложување на парламентарните избори“, истакна Чулев.
Тој рече дека денеска ќе ја информира и Владата за проблемот со патните исправи.