СДСМ како главна партија во извршната и во законодавната власт, преку законски решенија, создаде услови за независно и професионално правосудство. Со Законот за Јавно обвинителство се оформува независен обвинителски систем преку кој се отвора пат за судска завршница на сите предмети покренати од СЈО кои се во судска постапка. Со законот се создадени услови за продолжување на активностите на јавните обвинители во врска со десетина случаи кои произлегуваат од нелегалното прислушување и кои се наоѓа во фаза на истрага, рече портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
„Со ова се докажува дека извршителот Христијан Мицкоски не успеа во намерата да го заштити менторот од Будимпешта, Никола Груевски и другите сопартијци кои допрва ќе се соочат со обвиненија. Тоа се предмети во кои како осомничени се јавуваат функционери на ВМРО ДПМНЕ. Досието „Моќник“ во кое осомничен е Антонио Милошоски, предметот „Актор“ во кој за одговорни се сметаат Никола Груевски и Миле Јанакиески. Понатаму, случајот „Империја“ во кој се осомничени Орце Камчев и Сашо Мијалков, предметот „Патарина“ со Силвана Бонева, досието „Пациент“ со Бујар Османи, како и други случаи кои имаат шанса да завршат со обвинителни акти и судски пресуди. Сега е појасно зошто ВМРО-ДПМНЕ силно се противеше на законот и зошто беше во мисија да го заштити својот и криминалот на Никола Груевски“, истакна Костадинов.
Затоа, вели тој, СДСМ маршираше за правда, затоа што се исполнети сите услови за брза и ефикасна завршница и на судските постапки и на започнатите истраги.
„Сега на ред е правосудниот систем кој мора да заборави на 11 годишната режимска пракса кога функционираше под закани, нарачани притвори и телефонски пресуди. Сега никој ништо не им може на судиите и обвинителите. Како одговорна и демократска власт, јавно укажуваме дека никогаш, за ниту еден предмет нема да се јавиме и да сугерираме да судат спротивно на доказите. Ги охрабруваме да ги спроведат сите закони кои се донесоа во изминатите две години, а кои значат реформа во правосудството. Создадовме законски услови да завладее правдата и правната држава, затоа сега редно е ослободените обвинители и судии според словото на законот и според материјалните докази да ги убрзаат сите започнати постапки“, порача Костадинов.