Директорката на Клиниката за кожни болести поради чија неодговорност 100 тина лекари и пациенти се ставени во изолација се планира утре да биде разрешена од функција
Се забранува користење на секаков тип на пливачки базени во надените 14 дена. Со новите владини мерки покрај затворањето на градинките, училиштата, факултетите, на две недели се укинуваат сите курсеви, се празнат студентските домови. Игротеките ќе се стават под контрола за да не згрижуваат деца на поголем временки период.
Училишната година најверојатно ќе се пролонгира, но до кога, се уште не знае. Како ќе се надомести изгубената настава ќе се соопшти дополнително, а се зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата со ширењето на коронавирусот во државата. Наставниот кадар може да се појави повремено на работа за одредена потреба од процесот на работата. Еден од родителите на деца со посебни потреби кои имаат повозрасни деца исто така ќе имаат платено отсуство од работа на 14 дена, информираа Владата на брифингот со новинарите и уредници на медиуми.
„Во овој момент најважно е да ја покренеме свеста кај сите, а особено кај неодговорните за да се спречи натамошно ширење на коронавирусот. Да се укаже дека со неодговорност на тие што не ги почитуваат мерките, ги загрозуваат сопствените и животите на своите најблиски и здравјето на другите. Борбата со коронавирусот не треба да се сведе на хајка против никого, туку секој индивидуално да преземе се што може за да помогне, порачаа од Владата .
Од Владата апелираа до новинарите и понатаму да останат во постојана комуникација со официјалните извори за комуникација како што се Министерството за здравство и Владата за сите мерки што ќе следуваат, како и за сите информации и развојот на ситуацијата, во име на јавниот интерес и на интересот на граѓаните, да не се избрзува со неофицијални информации кои ќе донесат моментална читаност, но и можат да направат голема штета.
На брифингот беа појаснети некои од новите мерки за кои имаше дилеми и нејаснотии.
„Платено отсуството на еден родител на дете до 10 годишна возраст во траење од 14 дена ќе имаат и вработените во приватните фирми, исто како и во јавниот сектор, и тие ќе треба сами да го организираат сето тоа, да им обезбедат целосни плати, како и процесот на работата со намален капацитет. Отсуство од работа не смеат да имаат вработените во здравството, полицијата, војската“, беше потенцирано на брифингот во Владата.
Владата размислува за отворање на поголем кол центар каде што ќе можат да се јавуваат сите граѓани кои имаат прашања околу коронавирусот. Во меѓувреме се реорганизира Клиниката за инфективни болести, се прави план за преадаптација за приклучување на нови апарати за дишење, се ослобудуваат цели одделенија. Таму има 8 апарати за вештачко дишење, се набавуваат уште два, а потоа уште пет. Беше нагласено дека не е проблем да се набават многу повеќе респиратори. Тестови за коронавирус засега има доволно, од 1000 потрошени се околу 40 тестови. Бешепотенцирано дека забраната за собири се однесува на поголем број луѓе, над 1000.
Покрај 100 тина лекари и пациенти, членови на семејството кои имале контакт со заболената директорка на Кожна клиника, која во таква состојба организирала и раководела симпозиум, во изолација треба да се и сите кои што после празникот се вратиле од Италија, а истото важи и за сите кои дошле од ризичните региони.
Што се однесува до кампањата и изборниот процес, од владиниот врв смета дека сега приоритет е борбата со коронавирусот, а се друго ќе се одвива во зависност од тоа како налага ситуацијата.
„ Доколку дојде до зголемување на бројот на случаи ќе се преземат и други дополнителни мерки како што е прогласување кризна состојба, но засега нема потреба од тоа. Состојбата се следи и во моментов најважно е да се спречи натамошното ширење на вирусот, велат од Владата.
Информираа дека планираат заедничка средба со опозицијата и другите политички партии, токму за состојбата со коронавирусот, се со цел во ваква кризна состојба да не се создаваат хајки, тензија и политичко профитерство, а на штета на грбот на граѓаните.