Генерално основните човекови права на граѓаните во Македонија биле почитувани изминатата година, но американскиот Стејт Департмент во својот извештај за 2019 година посочува на ограничената независност на судството, политизираниот Судски совет, високата корупција и насилството врз припадниците на ЛГБТ заедницата.
Сепак, како што се наведува во извештајот, домашните и меѓународните групи за човекови права генерално работеа без ограничување на владата, објавувајќи ги нивните наоди за случаи на човекови права. Владините претставници честопати беа подготвени да ги слушаат овие групи, но понекогаш исто така не одговараа на нивните ставови.
Во извештајот се вели дека во земјата има законски казни за корупција на службените лица и финкционерите, но иако Владата генерално го спроведува законот, сепак, има случаи на функционери кои се вклучени во корупција. Невладините организации укажале дека доминантната улога на владата во стопанството создава услови за корупција, затоа што „владата е најголемиот работодавач во државата“.
Во однос на корупцијата се цитира и делот од извештајот на Европската комисија во кој се вели дека земјата има „одредено ниво на подготовка“ и „постигнат е добар напредок преку натамошно консолидирање на учинокот за истражување, гонење и судење на случаи на корупција на високо ниво и измени во законодавна рамка“. Во извештајот се истакнува и дека назначувањето на новата Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на 8 февруари беше потранспарентно од порано и се истакнуваат чекорите преземени од страна на комисијата за проактивна борба против корупцијата.
Во делот на тортурата, исто така, се цитира извештајот на ЕК во кој се забележува дека владата се осврнала на препораките на Комитетот за борба против тортурата, што доведува до подобрувања во спречувањето на тортура и малтретирање. Лошите услови во полициските станици, установите за социјална заштита и психијатриските институции остануваат проблеми.
Регистриран е напредок во областа на медиумите, иако се потребни напори за саморегулација. Забележана е и слабата независност на медиумите и насилството и заканите кон новинарите. Нема напредок во подобрувањето на работните и социјални права на новинарите, чии работни услови се многу лоши. Новинарите сè уште практикуваат самоцензура, се вели во извештајот.
ЛГБТИ заедницата останува маргинализирана, а скопското обвинителство останува неефикасно во процесуирањето на постоечките случаи на говор на омраза и напади против припадници на оваа заедница, се вели во годишниот извештај на Стејт департментот за човековите права во Македонија за 2019 година.




