На скопскиот аеродром слетал авион од Брисел, каде што има луѓе со симптоми кои веднаш ќе бидат однесени на Инфективна клиника и во зависност од резултатите ќе се знае што понатаму, дали ќе бидат во домашна изолација или во објектите за групна изолација
Пет нови случаи на коронавирус во земјава. Четворица се здравствени работници од амбуланта на матични лекари во Дебар, а вториот случај е сопругата на пациентот кој првично бил дијагностициран како болен од корона вирусот во болницата Жан Митрев. Со ова бројот на заболени во земјава достигна 31 лице, информира вечерва министерот за здравство Венко Филипче на прес конференција.
„Четворицата здравствени работници се од приватна матична установа, дел од нив се носители на вирусот, еден е со симптони. Од утре во болницата во Дебар ќе бидат пратени двајца доктори од Клиника за пулмологија, епидемиолозите и инфектологот се веќе таму“, рече министерот Филипче.
Тој соопшти дека во овој момент на скопскиот аеродром слетал авион од Брисел, каде што има луѓе со симптоми на грип.
„Овие луѓе веднаш ќе бидат однесени на Инфективна клиника во зависност од резултатите че се знае што понатаму, дали ќе бидат во домашна изолација или ќе бидат ставени во објектите за групна изолација. Не знаеме, можеби патниците имаат обичен грип“, рече Филипче.
Тој нагласи дека не може да се забрани влез на наши граѓани од странство, но летовите се строго органичени. Потенцира дека на клиниките е направен распоред, програмот е сведен на минимум, се примаат само итни случаи, а меѓу леарите физички контакта нема, по телефон се договараат меѓу себе.
„Целосно сме свесни дека здравствените работници се најмногу експонирани и мора да ги заштитиме. Мора да обезбедиме одржлив и стабилен здравствен систем. Мора да се придржуваме на мерките, одлуките мора да се почитуваат, исклучително е важно за здравствените работници да бидат добро, тие имаат семејства, пожртвувано работат, помагаат. Упатувам апел до здравствените работници дека трудот, нaпорот што го вложуваат е непроценлив, а до граѓаните “останете дома и придржувајте се на мерките“, рече Филипче.
Министерот рече дека има различни прогнози за шрењето на вирусот.
„Највжно е пикот на болеста да не дојде одеднаш. Секоја епидемија има крива, колку е таа поблага, здравствениот систем може тоа да го оптимизира, за да не дојде до компликации и преоптовареност на здравствените работници. Вирусот е тука, но добро е здравствениот систем поблаго да го прими ударот од пациенти. Колку е ударот појак, толку поголеми проблеми прави на здравствениот систем“, објасни Филипче.
Тој рече дека ако ситуацијата продолжи вака, да расте бројот на заболени мерките ќе продолжат и децата нема да одат на училиште, како и за останатите образовни установи.
Нагласи дека се планира пошироко тестирање на луѓе во Октиси, Лабуниште и други општини кои имале интензивна комуникација со граѓани од Дебар. Епидемиолозите од Охрид и Струга прават анализа и епидемиолошка анкета со нив.




