Денеска се навршуваат 106 години од раѓањето на француската писателка и филозоф Симон де Бовоар родена во Париз на 9 јануари 1908, а починала на 14 април 1986.
Таа како истакнат современ феминистички писател е автор на многу романи, есеи и мемоари, проткаени со духот на егзистенцијализмот. Автор е на делото „Вториот пол“, 1949. Во видеото погледнете едно од нејзините последни интервјуа направено во 1975 година.
Нејзиниот главен придонес за феминистичката теорија е аргументот дека во патријархалната култура, мажественоста е поставена како позитивна норма, а женското или женственоста е поставена како негативна, или како она што Де Бовоар го нарекува „Другото”.
Таа верува дека Другоста е фундаментална категорија во човековото мислење. Според неа, идентитетот на жената како Друг и нејзиното суштинско отуѓување произлегуваат делумно од нејзиното тело, особено репродуктивниот капацитет, и делумно од историската поделба на трудот диктирана од бременоста и одгледувањето на децата.
Де Бовоар тврди дека жените треба да ја зајакнат нивната рационалност и критичка моќ со цел да достигнат трансцеденција.
Симон де Бовоар е ќерка на Жорж де Бовоар, адвокат и актер и Франсоа Брасур, млада жена од Верден.
Уште на 15 години, Симон одлучува дека ќе стане познат писател. Таа е успешна во многу предмети, но особено ја интересира филозофија и токму тоа го студира на Универзитетот во Париз. На факултетот Симон се сретнува со многу млади интелектуалци меѓу кои и Жан Пол Сартр.
Средба меѓу Симон де Бовоар, Жан-Пол Сартр и Че Гевара во Куба во 1960