Македонија е дел од клиничката студија која ќе се спроведе во неколку големи земји како Шпанија, Италија, Германија, и преку која земјава ќе има пристап до терапијата и протоколите за лекување, рече во вечерашното интервју за Нова ТВ, министерот за здравство Венко Филипче, во кое прашања преку социјалните мрежи му поставуваа и граѓаните.
Неколкумина пациенти на Инфективната клиника со одредена клиничка манифестација, според препораките на земји во кои влезе протоколот за лекување, веќе ја примаат комбинацијата на антималарик и антибиотик, која даде позитивни резултати во повеќе земји. Терапијата, вели Филипче, започна минатата недела и во периодот што следи треба да се видат резултатите што ги дава таа комбинација.
Одредени пациенти ќе се лекуваат со антивирусни терапии кои се користат за лекување од ХИВ.
„Станува збор, исто така, за антивирусна терапија. И во рамките на тоа започна спроведување на судијата. Ние преку таа студија ќе ги имаме на располагање сите овие лекови. Процесите ќе започнат многу скоро. Сметам дека е многу добро што успеавме да влеземе во бројот на земји во кои ќе се спроведува студијата – Шпанија, Италија, Германија…Предноста е што ќе бидеме една од првите земји, вклучувајќи ги и другите кои се дел од неа, кои ќе имаат пристап до протоколите за лекување, но и до терапијата, затоа што таа ќе биде обезбедена преку Светската здравствена организација. Анализите ќе покажат кој пациент на која терапија ќе биде ставен. Согласно низа параметри тоа се четири групи на пациенти кои ќе бидат соодветно третирани“, рече Филипче.
Во однос на бројот на оздравени лица, кој ако се спореди со одредени соседни земји е помал, министерот за здравство вели дека тој се очекува да расте во наредниот период, по минување на перидоот од две-три недели во кој трае полесната форма.
„Сега е периодот од две до три недели во кој трае полесната форма, ако има подобрување се прават контролни тестови за да се види дали пациентот е негативизиран или не. Сите пациенти кои досега се реферирани се со два последователни негативни теста во период од 48 часа. Од пациентите кои се наоѓаат на домашно лекување во Дебар скоро половина се подготвени да бидат тестирани. Тој процес започна денеска и ќе трае до крајот на недела, веројатно за одредена група и на почетокот на наредната. Тоа значи дека бројката на излекувани очекуваме да расте“, рече Филипче.




