Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), поранешниот премиер Рамуш Харадинај, ја критикува денешната одлука на Европската унија да го именува поранешниот министер за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, за посредник во преговорите меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел изјави дека проблемите што сега постојат околу патувањето сигурно ќе ги забават сегашните напори, но сигурен е дека Лајчак ќе може да помогне во повторното започнување на дијалогот Белград-Приштина.
И комесарот за проширување, Оливер Вахеји, го поздрави изборот на Лајчак.
„Очекувам да работам заедно со Мирослав Лајчак како избран Специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина. Долгорочниот мир и стабилност на Западен Балкан се приоритети за ЕУ“, напиша Вархеји на твитер.
Тој додава дека има полна доверба дека Лајчак ќе му помогне во посветувањето на неопходното внимание на разговорите меѓу двете страни.
Харадинај преку својата страница на Твитер порача дека со оваа одлука Брисел го забавува процесот на преговори меѓу Приштина и Белград, во време на „водечката улога на САД“ во процесот.
„Советот на ЕУ денеска соопшти дека го именува Лајчак за специјален претставник на ЕУ во дијалогот Косово – Србија. Во фаза на големото финале и водечката улога на САД, ЕУ го забавува процесот“, напиша Харадинај.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, исто така во неколку наврати се спротивстави на именувањето на Лајчак за посредник во преговорите меѓу Приштина и Белград, нагласувајќи дека „тој во времето кога беше шеф на дипломатијата на Словачка, силно се противеше на признавањето на косовската независност од страна на неговата земја и активно лобираше против зачленувањето на Косово во меѓународните организации, меѓу кои и во УНИЦЕФ“.
Словачка е една од петте држави членки на ЕУ, заедно со Шпанија, Грција, Романија и Кипар, кои не ја признаваат независноста на Косово. Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Службата за надворешни работи на ЕУ денеска соопшти дека Мирослав Лајчак е официјално назначен за специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина, како и за Западен Балкан.




