Поранешниот американски државен секретар, Хенри Кисинџер, предупреди дека коронавирусот може да предизвика колапс на глобалната економија, за што ќе бидат потребни генерации за закрепнување доколку не се преземат соодветни активности.
Кисинџер, кој им служеше на двајцата американски претседатели, Никсон и Форд, напиша текст во „Вол Стрит Журнал“ во кој се вели дека „неуспехот може да го стави светот на работ на колапс“.
„Коронавирусот засекогаш ќе го промени светскиот поредок“, нагласува Кисинџер.
Кисинџер (96), контроверзен за неговата улога во пучот во 1973 година во Чиле или бомбардирањето на Камбоџа за време на војната во Виетнам, вели дека Белата куќа направила „цврста работа за да се избегне непосредна катастрофа“, но додаде дека американската Влада мора да работи долгорочно ефикасно за да ја порази опасната болест, не само да ја врати довербата на сите Американци, туку и на целиот свет.
„Кога ќе заврши пандемијата на коронавирусот, ќе се утврди дека институциите во многу земји доживеале неуспех. Не е важно дали таа оценка е објективна или не. Реалноста е дека светот никогаш повеќе нема да биде ист по коронавирусот”, пишува Кисинџер, додавајќи дека САД мора да работат брзо да се најде лек, да се залага за обнова на светската економија и да се заштити „либералниот светски поредок“.
САД сами не можат да го победат вирусот, потребна е помош на остатокот од светот, вели Кисинџер
До саботата наутро, 1,1 милиони луѓе во светот се заразени со коронавирус, со над 60.000 мртви. Во САД има најмногу заразени – 278.602, додека бројот на починати е 7.170. Досега не е пронајден лек, а здравствените службеници апелираа на недоволна заштитна опрема, со оглед дека неколку лекари и медицински сестри починаа додека лекувале пациенти со Ковид-19. Кисинџер се навраќа на недостатоците.
„Медицинскиот материјал не е доволен за борба против зголемениот број ново заразени. Одделите за интензивна нега се на работ на преоптовареност. Тестирањето не дава резултати за степенот на инфекција, а уште помалку за нејзиното ширење. Можеме да очекуваме успешна вакцина за 12 до 18 месеци”, пишува Кисинџер.
Кисинџер претстави три чекори за да им помогне на САД во борбата против коронавирусот. За да се победи вели Кисинџер, САД мора да соработуваат со остатокот од светот.
„Потребите од овој момент конечно мора да бидат поврзани со глобалната соработка со визијата и програмата“, пишува поранешниот државен секретар и нуди три чекори за да им помогне на САД во борбата против вирусот:
„Треба да развиеме нови техники и технологии за контрола на инфекции и пропорционални вакцини за голема популација. Градовите, државите и регионите треба да бидат доследно подготвени за да ги заштитат своите луѓе од пандемијата, преку складирање, кооперативно планирање и истражување на границата на науката“.
Следниот чекор е да се „излечат раните на светската економија“. Кисинџер потсетува на финансиската криза во 2008 година и истакнува дека сегашната состојба е многу покомплексна заради глобалното влијание на вирусот, затворањето на училиштата, рестораните и практиката на социјална дистанца.
Тој посочува дека треба да се развијат специјални програми за да се помогне во санирањето на штетите предизвикани од глобалниот карантин. Конечно, Кисинџер пишува дека треба да бидат заштитени принципите на светскиот либерален поредок, истакнувајќи дека владата треба да инсистира на „безбедност, ред, економски просперитет и правда“.
„Пандемијата предизвика анахронизам, заживување на заѕидан град од ерата во која просперитетот зависи од глобалната трговија и движењето на луѓето. Светските демократии мора да ги бранат и да ги задржат своите просветителски вредности. “, заклучува Кисинџер.




