Позитивни вести стигнуваат од Италија. Во земјата најпогодена од коронавирусот во последните 24 часа евидентиран е најмалиот број на починати во последните недели- 552. Тоа е знак за подобрување на ситуацијата во земјата откако вчера бројката изнесуваше 681 (прв пат под бројката од 700 жртви која до пред некој ден, за жал, беше вообичаена вест). Од коронавирусот досега вкупно починаа 15.887 жители на Италија.
Шефот на цивилната заштита, Анџело Борели, извести дека има и 4.316 нови случаи на зараза, што е околу 500 помалку во однос на вчера.
И Шпанија бележи пад на бројот на жртви. Таму во последните 24 часа починале 674 луѓе од коронавирус, дури 135 помалку во споредба со вчера. Во Шпанија се евидентирани вкупно 12.418 починати од последиците на коронавирусот. Вкупно има 130.759 заразени, од кои 6.023 се новорегистрирани случаи.
„Овој петпроцентен пораст е најмал од почетокот на кризата“, објави шпанското министерство за здравство, кое вчера најави дека земјата полека го надминува врвот на заразата.
Шпанија вчера ја надмина Италија во бројот на заразени.




