Новото издание на Филтер, Tricky Three од македонскиот електронски проект Tripnotic деновиве го доби и својот официјален видео запис. Спотот се снимаше минатиот месец во Њујорк, а го потпишува американската видео продукција Noir Tribe Media. Станува збор за динамично надреално визуелно искуство, што одлично ја надополнува футуристичката атмосфера од песната на Tripnotic.
Режисер на спотот е Amber Moelter, која досега има освоено бројни награди, главно за кратки видео форми, но и награда за најдобра драма на филмскиот фестивал во Амстердам за нејзиното дебитантско долгометражно остварување, филмот Dirty Step Upstage, за кој ги потпишува сценариото, монтажата и режијата.
Главната улога во спотот за песната Tricky Three на Tripnotic ја толкува новата американска танчерска ѕвезда Kourtni Lind. Откако се прослави со настапот на телевизиското шоу You Think You Can Dance, таа настапува во повеќе мјузикли, од кои најпознати се Fighting Gravity и Wicked. Во моментов е постојано ангажирана во бродвејскиот мјузикл Spider-Man: Turn Off The Dark, за кој музиката ја напишаа Bono и The Edge од групата U2.
Во меѓувреме, изданието Tricky Three забележува значителен успех. Покрај поддршката од огромен број диск-џокеи, тоа наидува и на одличен прием на музичките интернет сервиси. Уште на првиот ден од објавувањето, се искачи на првото место на листите за Electro House и за Dubstep музика на Juno Download. Деновиве започнува да се искачува и на Breaks топ листата на Beatport, каде што веќе се наоѓа меѓу првите 30.