Берни Сандерс, сенаторот од Висконсин, ја напушта трката за претседателски кандидат на Демократската партија на САД за изборите што се закажани за 3 ноември, соопштија од неговиот изборен штаб.
По неговото откажување јасно е дека поранешниот американски потпретседател Џо Бајден, ќе биде кандидадот на Демократската партија кој ќе се сретне „очи в очи“ со актуелниот шеф на државата, Доналд Трамп, на изборите кои треба да бидат одржани во ноември, објави Си-Ен-Ен.
Впечатливо беше дека Сандерс, кому ова му беше втора кандидатура, во неговата кампања се обидуваше да се доближи до младата популација ветувајќи разни погодности во сферата на образованието. Предизборите годинава течеа необично. Во првите три држави Сандерс надмоќно победи и се чинеше дека тој ќе биде номиниран. Последните денови од февруари работите се завртеа против Сандерс, а во корист на Бајден. Тој однесе убедлива победа во Јужна Каролина и тука некаде почна крајот на кампањата на Сандерс, кој себе си се претставува како демократски социјалист.
Во меѓувреме во предизборите се вклучи и пандемијата на коронавирусот која доведе до запирање на кампањата лице в лице па кандидатите содржината која се обидуваа да им ја пренесат на гласачите почнаа да ја објавуваат на социјалните мрежи.
Сандерс се обрати до своите поддржувачи со следниве зборови: „Не можам да продолжам со чиста совест кампања која не можам да ја добијам и која ќе пречи во важната работа што ни претстои“.
Тој изјави дека неговото име ќе стои во избирачките ливчиња и дека се уште ќе собира гласови за делегати, во обид да ја пренесе својата порака и да влијае врз демократската платформа.
Поради тешката пандемија на коронавирус во САД, кампањите и митинзите на двајцата преостанати кандидати за номинација, поранешниот потпретседател Џо Бајден и Сандерс, се запрени со недели.
Поради карантинот, двајцата се појавуваат мошне ретко на телевизија и се обраќаат во живо на интернет. Се дознава дека Сандерс бил повикан да излезе од кампањата за обединување на Демократската партија со една цел – пораз на актуелниот претседател Доналд Трамп.
Ведаш по изјавата на Сандерс, Бајден се заблагодари на „лидерот“ од Вермонт и ги повика неговите поддржувачи да се придружат
„Треба да ги заслужам вашите гласови… ве гледам ве слушам и ја разбирам итноста на моментот, се надевам дека ќе се придржите. Добредојдени сте, потребни сте“, соопшти Бајден на твитер.
Со соопштение се јави и Трамп, кој вината за поразот на Сандерс ја посочи кон сенаторката Елизабет Ворен, која учествуваше во трката за номинација.
„Ако не беше таа, Сандерс ќе победеше на супер вторникот. Ова заврши токму како што сакаа демократите“ напиша Трамп на твитер.




