Честитки и признание. Ова го очекува француската јавност од утрешната годишна прес конференција на претседателот Франсоа Оланд која традиционално е организирана на почетокот на јануари и на која претседателот ја честита Новата Година на нацијата набројувајќи ги истовремено своите приоритети.
Но веќе е сигурно дека оваа конференција ќе биде поинаква од другите. Французите беа навикнати на скандали со Никола Саркози, неговите љубовни маки, разводот со сопругата и средбата со Карла Бруни, неговите . Никој не очекуваше дека умерениот, скромен и здепаст Оланд ќе донесе изненадувања кои можат да се сместат во љубовно-политичката сфера.
Сега, помеѓу економските проблеми на земјата, можно е дека ќе чуеме која жена ќе стане официјалната прва дама на републиката.
Неделникот Клоузер ја објави пред неколку дена приказната за тајната врска на Оланд со актерката Жули Гаје. Тајната всушност била тајна само за јавноста. Многу новинари и политичари веќе ја знаеле прикаската. Според францускиот менталитет и традиција, љубовните афери на политичарите се приватен живот во кој јавноста не треба да има увид и кој не треба да има влијание врз политиката. Англо-саксонскиот модел Франција не го дели потполно.
Дотука прашањето беше – како ќе се надмине оваа сентиментална афера, што ќе се случи со партнерката на Оланд, Валери Триервајлер, со која тој не е венчан. На која Оланд и ја признал врската со Гаје што ја однесе Триервајлер во болница на неколкудневен одмор.
Патем, тешко е да се замисли дека претседателот на една држава може да живее невенчано со партнерка и таа да биде сметана како “официјална” прва дама. Триервајлер има свој сајт на Елизејската палата, свој шеф на кабинет и персонал. Никој во Франција не е сериозно насекиран со тоа што даночните обврзници плаќаат персонал на невенчана партнерка.
На љубовната пасија на Оланд од вчера се додаде и политичкиот елемент на сторијата.
Независниот сајт Медиапарт и весникот Ле Пуен откриваат дека станот во кој веќе се месеци се сретнувале Оланд и Гаје е сместен во улицата која го носи името “циркус”. Но тоа е анегдотскиот дел. Станот е сместен на стотина метри од Министерството на внатрешни работи а тука се од време на време паркирани возилата кои одат во министерството кога недостасува паркинг.
Станот, во 8 арондисман на Париз, и бил ставен на располагање на Гаје од нејзини пријатели актери. Новинарите откриваат дека станот е на име на Мишел Ферачи, актер но и поранешен близок човек на Ришард Казанова, водачот на криминална корзиканска банда, починат во 2008 година.
Според Медиапарт, на Гаје станот и го дала Емили Хок, екс сопруга на Ферачи, со која се пријателки и која исто така е актерка. Ферачи не живее во тој стан. Ферачи е осуден на 18 месеци во една афера на бандитизам наречена Ваграм а Хок исто така има врски со корзиканската мафија бидејќи живеела со Франсоа Масини, убиен во 2013 година на Корзика. Тој на полицијата и бил познат како крадец кој има врски со членовите на бандата криминалци наречена “Морски ветер” и банда која исто така има врски со аферата Ваграм.
Жули Гаје со пријателката Емили Хок која и го позајмила станот
Откако овие работи излегоа на виделина најспоменуваното име е она на министерот за внатрешни работи Мануел Валс. Млад и амбициозен политичар, близок до Триервајлер, која многу сторила тој да го добие министерското место. Валс е исто така контроверзен со неговите ставови за слободата на изразувањето или за местото на Ромите во Франција.
Прашањето кое се поставува денес е – дали Валс знаел дека Оланд и Гаје се среќавале на неколку метри од неговото работно место? Дали е тој издајникот во претседателските редови? Валс не крие дека се бори за да стане еден ден претседател. И како, бодигардот на Оланд се движел помеѓу Елизејската палата и станот на улицата Циркус, под носот на неговиот министер, а за тоа наводно никој не знаел па дури ни Софи Хат која е шеф на безбедноста во Елизе?
На своите љубовни состаноци до сомнителниот станот Оланд наводно одел на скутер. Сите овие прашања отвараат и други, пред се за безбедноста на претседателот и за невниманието кое Оланд го покажал одејќи во станот на скутер не почитувајќи го безбедносниот протокол.
Политичко-љубовниот трилер на економски депресивната Франција продолжува….