Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, најави отворање на сите продавници на почетокот на мај, а кон средината на месецот и на рестораните и црквите.
Отворањето на помалите продавници беше дозволено пред една недела. На почетокот на мај ќе бидат отворени и фризерските и салоните за маникир. Предвидено е и училиштата повторно да започнат со работа во мај.
Владата, исто така, планира да дозволи угостителските објекти да работат од 15 мај, при што вработените треба да носат маски, а ќе биде ограничен бројот на гости.
Курц изјави дека бројот на ново заразени од коронавирус продолжува да опаѓа, така што Владата може да ги ублажи мерките.
Тој рече дека Владата ќе ја преиспитува состојбата на секои две недели и секогаш ќе може да ја „повлече сопирачката“ доколку има потреба. Премиерот им рече на Австријците да не очекуваат предвреме неограничена слобода да патуваат низ Европа.
Тој рече дека летниот одмор ќе го помине во Австрија и им препорача на Австријците да го сторат истото.




