Во состојба на пандемија со коронавирусот во свет секаде стомалогијата работи само со итни случаи како една од најизложените на вирусот, велат во Стоматолошката комора
По многуте дилеми и прашања на граѓанитекога ќе се бидат отворени стоматолошките ординации, се огласи Стоматолошката комора со објаснување за состојбата.
„Oд моментот на прогласување на пандемија на глобално ниво од страна на СЗО, како и од моментот кога Владата на Република Северна Македонија започна со превземање на мерки за заштита на населението и се прогласи вонредна состојба од страна на претседателот Пендаровски, Стоматолошката комора на Македонија е во постојана комуникација со Министерство за здравство и Комисијата за заразни болести со цел да се преадаптира, во тој момент постоечкиот стоматолошки здравствен систем во стоматолошки систем кој не само што ќе ги задоволи потребите за неопходна и итна стоматолошка услуга на населението во услови на епидемијата со КОВИД 19, туку и сериозно ќе влијае на спречување на ширење на вирусот преку стоматолошки интервенции и на отварање на т.н.стоматолошки кластери потврдени во Кина, но и во некои од земјите во Европа.
Сакаме да Ве информираме, а воедно преку Вас да ја известиме и јавноста:
- Во секоја европска држава, а и во светот во услови на пандемија со КОВИД 19 стоматолошките ординации се:
- комплетно затворени и нема ниту итни служби (на пр. Романија)
- се отворени, но работат исклучиво итни стоматолошки состојби (на пр. Германија, Холандија, Унгарија и т.н)
- сите стоматолошки ординации се затворени и се формирани Итни стоматолошки пунктови (на пр. Словенија на ниво на цела држава има само 7 (седум) пункта/ординации за целото население).
- Кога говориме за итна стоматолошка состојба во целиот свет, посебно во европските земји вклучително и во нашата држава се подразбираат само и исклучиво состојби кои може да доведат до сериозно нарушување на општото и оралното здравје на граѓанинот.
За итни стоматолошки состојби се сметаат поголеми крварења кои не сопираат за кратко време, фрактури/скршеници на заби или вилици, постојана забоболка која не се смирува со лекови против болка и состојби на оток, зголемена температура и тешко отворање на вилици од забно потекло.
За итни стоматолошки состојби не се сметаат на пр. изработка на протетско помагало, лекување и пломбирање на заби, чистење на забен камен и сите други стоматолошки состојби кои во услови на нормално живеење реално и вистински го отежнуваат животот и комфорот на граѓаните, но никако не се состојби кои треба да се третираат во услови на пандемија со КОВИД 19 кој се покажа како многу вирулентен и кој се пренесува исклучиво преку плунка и аеросоли кои се нормална појава при рутински стоматолошки интервенции.
- Во моментот во секој град во нашата земја, има Итни стоматолошки служби и кои секојдневно работа опремени за работа во услови за работа на итни, а не и за некомфорни стоматолошки состојби ( во Скопје на пример има во моментот секојдневно, вклучително и саботи и недели 11 ординации за итни стоматолошки случаи од кои некои работат и во три смени 24/7, како и секојдневно работат и 4 специјалистички ординации по орална хирургија).
- Секој граѓанин при било каков проблем задолжително треба да го контактира телефонски својот матичен стоматолог, кој најдобро му го познава забниот статус и кој е најодговорен во случај да треба да се укаже итна стоматолошка интервенција да го советува пациентот каде и кога да се јави кај дежурниот стоматолог во итната служба независно дали има осигурување или нема.
Како за крај, сакаме да Ве информираме дека Стоматолошка комора на Македонија од почетокот на сотојбата со КОВИД 19 има формирано Кризна група која секојдневно ги следи состојбите во сите општини во државата, работата на итните служби, бројот на случаевите со следење на дневни извештаи, видот на дијагнозите за кои се бара Итна помош и сите информации ги споделува со министерство за здравство.
Исто така, на ниво на национални офицери во рамки на Светската стоматолошка асоцијација /FDI Комората ги следи сите случувања во светот поврзани со стоматолошката здравствена заштита и сите препораки, протоколи, најнови сознанија и искуства ги споделува и со своите членови, Министерстсво за здравство, Комисијата за заразни болести, како и со сите медиуми со цел да сите релевантни информации да стигаат и до населението во нашата држава.
Поради тоа сакаме со дописот да Ве упатиме за подобро информирање на јавноста на сите релевантни информации на нашата веб страна (www.skm.mk ), на нашиот службен меил (skm@skm.mk) и нормално на членовите на Кризната група на Комората кои се спремни во секој момент да Ви дадат точни и релевантни информации за комплетното функционирање на Итните стоматолошки служби во чие функционирање учествуваме активно со задолжение од министерство за здравство“, се вели во соопштението од Стоматолшката комора на РСМ.




