Лекарите велат дека заболените не даваат точни податоци каде се движеле, со кого контактирале, а на тие што им е одредена самоизолација не ја почитуваат, излегуваат, се шетаат, одат по лекови на рецепт кај матичните лекари
Двајца починати и тројца позитивни случаи кои с е хоспитализирани во болницата „8 Септември“на КОВИД-19 има во општина Шуто Оризари. Матичните лекари кои се на браникот и први на ударот, ги праќаат на тестирање овие случаи и забележуваат дека позитивните не даваат точна епидемиолошка слика, а луѓето со кои контактирале и се ставени во самоизолација не ја почитуваат истата, излегуваат надвор, се шетаат или одат кај матичните лекари по лекови на рецепт за да се лекуваат. Станува збор за луѓе кои живеат во урбаниот дел на општината, а дел од нив се образовани граѓани.
„Тие кажуваат дека немале контакт со заболен, негираат симптоми, а на преглед е констатирана пневмонија . По ова ги праќаме во ГОБ„8 Септември“. Некои до нив одбиваа хоспитализација и пак се враќаа кај матичен лекар по лекови на рецепт. Ние им закажуваме за тестирање за КОВИД-19“, велат за НОВА во ординации кои се стационирани во општината.
Неофицијално, на погребот на вториот пациент од оваа општина кој почина завчера биле присутни голем број на луѓе, без да се држи дистанца и без заштитни маски. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека уште пред две недели кога НОВА укажа дека таму има починат пациент и тешко се оддржува самоизолацијата, биле епидемиолози од Центарот за јавно здравје.
„Направивме увид на лице место да видиме дали тие луѓе имаат услови за самоизолација, за да ги сместеме во државни карантини, доколку е потребно. На епидемиолозите им е кажано дека ги почитуваат мерките и дека имаат услови за самоизолација, тоа го констатира и ЦЈЗ“, одговори Филипче на прашањето на НОВА, дали таму треба да се обрне посебно внимание и да се реагира со посебни мерки.
И директорот на Здравствен дом Скопје е запознаен со ситуацијата во општината Шуто Оризари. Тој предлага дополнително да им се подели пишуван материјал на Ромски јазик каде ќе се информираат за се околу коронавирусот.
„Да им се достават пишувани материјали на Ромски јазик за да знаат како да се справат со вирусот и што е најважно како да им се помогне. Тие не престануваат да ги тераат обичаите еве сега со Рамазанските пости, мора да им се укаже на опасноста“, изјави Виктор Исјановски директор на Здравствен дом-Скопје.
Со доаѓањето на пролетта и со убавото време веќе започнаа и свадбите, не само во Шуто Оризари, туку и во другите делови на градот каде што живее ромско население се одржуваат свадбени веселби каде што се собираат многу луѓе. Општина Шуто Оризари, според лекарите може да биде буре со барут во однос на коронависрусот доколку луѓето не почнат да ги почитуваат мерките и да даваат точни податоци за тоа каде се движеле, со кого контактирале и доколку знаат, од каде го добиле вирусот.
Од општината Шуто Оризари, пред две недели рекоа дека не знаат дека има починат со КОВИД-19 и бараа податоци од НОВА за семејството, а повеќе ромски невладини организации реагираа и негираа дека таму имало заболен и починат пациент, како и тоа дека има луѓе во самоизолација.
На денешната прес конференција министерот Филипче информираше дека нема нови заболени на Детската клиника, тројцата дијагностицирани лаборантот, медицинската сестра и лекарката се асиптоматски, а првиот тест на лаборантот е негативен, се очекува резултат од втор тест.
Но прашањето на НОВА, дали пацинтите со прогресивен тип на карцином треба да се враќаат од операција, што се подразбира под итни случаи, Филипче одговори дека сите онколошки случаи се итни и никој не смее да биде вратен.
„Пациентите со малигни заболувања не смеат да се одложуваат и тоа е дијагноза што не може да чека. Дури и основните малигни заболувања кои не се од прогресивен тип, не смеат да се одложуваат“, порача Филипче.
Повеќе пациенти со малигни заболувања кои биле вратени од операција се обратија во НОВА. Еден од нив е новодијагностициран со прогресивен тип на карцином, но бил вратен од операција со образложение дека не се вршат операциии поради ситуацијата со коронавирус во државата.
Министерот објасни дека е најдено решение за здравствените работници кои болеста ја добиле на работно место. На нив нема да им се одбива од плата за боледување, во прво време тоа ќе го плаќа установата каде што работат, а потоа Фондот за здравствено осигурување.
Инаку, во последните 24 часа регистрирани се 111 излекувани од КОВИД-19 во земјата. Излекуваните пациенти се од Скопје – 13, од Куманово – 74, од Штип – 1, од Прилеп – 18, од Битола – 1, од Охрид – 1, од Крива Паланка – 1, од Пробиштип – 1 и од Демир Хисар – 1.
Потврдени се 23 нови случаи на КОВИД-19 и тоа во Скопје – 5, во Куманово – 5, во Прилеп – 3, во Тетово – 6, во Велес – 2 и во Неготино – 2. Двете лица заведени во ПЕ Неготино, се жители на Демир Капија.
Со ова вкупната бројка на КОВИД-19 дијагностицирани случаи во нашата земја изнесува 1.465, бројката на оздравени пациенти е 738, на починати лица е 77, а бројот на активни случаи во земјата во моментот изнесува 650.
Починаа четворица пациенти кои биле со тешка форма на болеста.
„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент на возраст од 62 години, а во ГОБ „8 Септември“ почина пациентка од Гостивар на возраст од 59 години. Во денешниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) се евидентирани и две починати лица од околината на Куманово, на возраст од 72, односно, 79 години. Едната пациентка се лекувала во домашни услови, додека другата се лекувала на инфективното одделение во болницата во Куманово“, изјави Филипче.
На новинарско прашање дали е вистина дека во поликлината Букурешт е заболен лекар кој давал вакцини на децата, а неговата мајка починала од КОВИД-19, министерот Филипче одговори дека не е информиран и ќе даде дополнително известување за тоа.