Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во реакција за прекинот на емитување на ТВ програмите што операторите го почна вечерва по 18 часот укажа дека е направена повреда на член 115 од Законот за електронски комуникации (ЗЕК) и упати на условите под кои може да дојде до таков прекин, како и последиците од непочитување на ЗЕК. Корисниците на услугите на операторите ги советува дека законски имаат право за надомест на штета од страна на операторите, поради прекршување на одредбите од претплатничките договори, како и соодветна правна заштита преку Агенцијата за електронски комуникации.
МИОА во реакцијата го цитира членот 115 од ЗЕК, според кој операторите што обезбедуваат пристап до јавна електронска комуникациска мрежа можат, без согласност на корисниците, привремено да го ограничат или прекинат пристапот до нивните услуги, доколку тоа е потребно поради реконструкција, модернизација, одржување или во случај на технички пречки или недостатоци во мрежата.
Операторите, стои во член 115, се должни да ја информираат Агенцијата и да ги известат корисниците за ограничувањата или прекините кои траат подолго од 30 минути:
– најмалку 48 часа пред планираната реконструкција, модернизација или одржување или
– колку што е можно побрзо, но не подолго од 48 часа, кај ограничувањата или прекините предизвикани од технички пречки или недостатоци во мрежата.
Воедно операторите треба да ги преземат сите неопходни мерки, ограничувањата или прекините да траат што е можно пократко.
„Со оглед на тоа што не се работи за прекин кој е предизвикан заради реконструкција, модернизација, одржување, технички пречки или недостаток на мрежата, јасно е дека се работи за повреда на законот“, велат од МИОА.
Последиците за ова дело, дополнуват, се дефинирани во членовите 182 и 186 од Законот за електронски комуникации.
Според член 182, глоба во износ од 20.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правно лице, односно трговец поединец, ако изврши привремено ограничување или прекин на пристап, спротивно на членот 115 од овој закон, а глоба во износ од 30 проценти од одмерената глоба за правното лице, односно за трговецот поединец ќе се изрече и на одговорното лице во правното лице, односно на одговорното лице во трговецот поединец за прекршоците од ставот 1 на овој член.
Во член 186 е пропишано дека на правното лице за сторен прекршок од членовите 180, 181, 182, 183 и 184 од овој закон, покрај глобата, ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на вршење на определена дејност во траење од шест месеци до три години, а може да му се изрече и прекршочна санкција одземање на предмети со кои е сторен прекршокот.
„На одговорното лице во правното лице за сторен прекршок од членовите 180, 181, 182, 183 и 184 од овој закон, покрај глобата, ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година. На трговец поединец за сторен прекршок од членовите 180, 181, 182, 183 и 184 од овој закон, покрај глобата ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година, а може да му се изрече прекршочна санкција одземање на предмети со кои е сторен прекршокот“, предвидува член 186.
Покрај ова, упатува МИОА, сите претплатници на операторите имаат законско право да бараат и право за надоместок на штета од страна на операторите, поради прекршување на одредбите од претплатничките договори и можат да бараат соодветна правна заштита преку Агенцијата за електронски комуникации.
Операторите ја реализираа најавата за времени прекини во реемитување на ТВ програмите
Македонските оператори вечерва во 18 часот ја реализираа најавата за времен прекин на реемитувањето на сите ТВ програми, освен на јавниот сервис МРТВ, во знак на протест поради, како што соопштија, наметнати неуставни обврски во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.
„Ја информираме јавноста дека сме принудени да почнеме со времени прекини во реемитувањето на сите телевизиски програми, освен јавниот сервис МРТ од 21 јуни 2020 година. Ова се должи на измената на законската и подзаконската регулатива во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, со која на операторите им се наметнуваат неуставни обврски. На овој начин сакаме да го подигнеме нивото на свесност за сериозноста на ова прашање кај пошироката јавност, особено нашите крајни корисници кои ќе бидат најмногу погодени од актуелното законско решение. И покрај сите напори, реакции и отвореност за соработка, во интерес на корисниците, состојбата со реемитување на телевизиски канали нема решение туку сè повеќе се комплицира“, се наведува во соопштение во петокот операторите кои се дел од Здружението на ИКТ при Стопанската комора на Македонија.
Причината за ваквиот чекор, стои во соопштението, е усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги по скратена и нетранспарентна постапка, без претходна консултација и расправа. Со овој Закон, на сите оператори им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Реемитувањето на програми и авторските права е согласно ЕУ стандардите и веќе е уставно регулирано со закон.
„Дополнително, на 29.05.2020, во време на вонредна состојба, донесена е Уредба со која законот е надополнет со уште една обврска на штета на операторите и корисниците што го доведува во прашање натамошното реемитување на телевизиски содржини преку нашата јавна електронска комуникациска мрежа. Оваа Уредба им наметнува обврска на операторите за пререгистрација на веќе регистрираните странски канали во рок од 60 дена“, се наведува во соопштението.
Сите оператори, се додава, по истекот на овој период, односно на 8 август 2020 година ќе треба да ги исклучат странските канали кои ги реемитуваат, поради регулативата која од една страна бара нивна пререгистрација под нови услови без оправдани причини, а од друга страна бара изјави со кои под морална и кривична одговорност операторите би одговарале за нешто за што немаат законска должност ниту пак моќ да го контролираат.
„Со оглед на сериозноста на ситуацијата, сметаме дека треба да бидеме транспарентни кон корисниците и јавноста и да алармираме за потенцијалната можност за целосно згаснување на платформите за реемитување на програмските содржини од 8.08.2020 година. Како и до сега отворени сме за соработка и понудивме предлог за измена Законот и на подзаконските акти кои доколку се прифатат ќе добиеме прифатливо решение што ќе го превенира потенцијалниот медиумски и информативен мрак“, наведуваат операторите.
Сите корисници кои ќе бидат афектирани од оваа одлука ќе бидат обештетени со соодветно намалување на месечната претплата, најавуваат операторите, кои додаваат дека ќе преземат сè што е во нивна моќ да се најде решение, со што ќе се избегнат натамошни штети и ќе се заштитат корисниците и целата јавност.