„Мерката предложена од страна на СДСМ за повраток на 15% од ДДВ, само за месец декември ќе значеше 10,5 милиони евра пари во рацете на граѓаните на Република Македонија. Според податоците на Министерството за финансии, толку изнесува 15 проценти од данокот на додадена вредност собран за месец декември 2013. Добитници ќе беа сите граѓани на државата. Не само неколкумина како во фискалното ЛОТО по теркот на Ставревски“, рече денеска на прес-конференција, Кире Наумов, претседател на Советот за економски прашања на СДСМ.
Според него за власта на Никола Груевски мерката на СДСМ е неприфатлива бидејќи ако ја спроведат, нема да им останат средства за нивните коруптивни зделки и непродуктивни трошења.
„Ако не е така, премиерот Никола Груевски и вицепремиерот Зоран Ставрески кој е 24/7 посветен на неговото ЛОТО, треба да објасни зошто не се подготвени да ја применат мерката на СДСМ. Наместо да организираат чудни наградни игри и со огромните казни во илјадници евра да ги пополнуваат буџетските дупки“, рече Наумов.
Тој ги презентираше податоците од Министерството за финансии:
– Во 2013 година остварен е историски најголемиот дефицит во независна Македонија. Владата потрошила 313 милиони евра повеќе од она што го собрала во државната каса. Тоа го преминува планираниот дефицит изгласан со ребалансот на Буџетот.
– Во 2013 се реализирани најмали капитални инвестиции во последните три години во износ од 270 милиони евра. За ова говори и податокот дека во 2013 во првите девет месеци бруто инвестициите паднале за 15 проценти.
– Во 2013 власта собрала скоро идентично ниво на приходи како во 2012, или поточно само за 1,5 процент повеќе од 2012. Доколку власта тврди дека економијата расте за 3,5 отсто и имајќи ја во предвид инфлацијата, овој податок создава дилема. Или растот на економијата не е 3,5 проценти или директорот на УЈП некому прогледува низ прсти. Трето нема.