Министрите за финансии на ЕУ отворија денес процедура за преголемиот дефицит за својата нова членка Хрватска, изјави денес грчкиот претседавач со ЕУ и министер за финансии на Грција Јанис Стурнарас.
ЕУ го повика Загреб да превземе мерки кои треба да ја поправат ситуацијата. Доколку тоа не биде направено ЕУ може да оди и до финансиски санкции кон Хрватска.
Во ноември Европската комисија (ЕК) побара од Советот на министрите на ЕУ, кој ги претставува земјите членки, да отворат процедура против Хрватска која влезе во 1 на јули 2013 година. Од Хрватска сега се очекува “да реагира брзо и одлучно за да создаде услови за враќање на траен економски раст и креирање на работни места”, изјави комесарот задолжен за економија Оли Рен. Тој додаде дека ЕК ќе работи рака под рака со Загреб за исполнување на оваа задача.
Советот на министри на ЕУ и даде рок до 2016 година за враќање на Хрватска во критериумите на европскиот пакт за стабилност и раст кои јавниот дефицит го фиксираат на 3 отсто од бруто домашниот производ и 60 отсто на долгот на државата.
Австрискиот министер за финасии изјави дека правилата за дефицитот се обврзувачки и не можат да бидат ублажени за новодојдената членка Хрватска. “Истите правила важат за сите и не можат да се менуваат. Хрватска треба да живее со овој чекор и да се подобри”, рече тој.
Од Загреб се очекува до април да поднесе стратегија за трајно подобрување на буџетот.
Според ЕК, во ноември хрватскиот дефицит изнесувал 5,4 отсто во 2013 година и според предвидувањата ќе расте до 6,5 отсто во 2014 година и 6,2 отсто во 2015 година. Хрватскиот долг е исто така преголем. Во 2013 година изнесувал 59,6 отсто, а предвидувањата велат дека ќе расте до 64,7 отсто во 2014 година и 69 отсто во 2015 година.