Од прес-конференцијата на Кире Наумов – бивш директор на ДБК и пропаднат кандидат за претседател на СДСМ кој сега стана новото економско гуру на партијата, се покажува многу за таа партија и нејзината визија за економијата, реагираат од владејачката партија откако Наумов денеска изјави дека мерката на СДСМ наместо лото кај граѓаните ќе вратеше 10 милиони евра.
>> Наумов: Мерката на СДСМ наместо лото кај граѓаните ќе вратеше 10 милиони евра
Во реакцијата се вели дека преку неговата прес конференција може да се заклучи дека СДСМ отворено ќе застане против народот, неговите ставови и желби и дека СДСМ е контра наградната игра – а стотиците илјади пликоа кои пристигаат за учество во наградната игра покажуваат која е желбата на народот.
– Ако зборуваме за капитални расходи во периодот од 2002 до 2005 година додека СДСМ беше на власт просечните капитални расходи изнесуваат годишно 9,9 милјарди денари. Откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, односно од 2006 година наваму, просечните капитални расходи изнесуваат 17,9 милијарди или двојно повеќе, се вели во реакцијата.
– Во 2005 година капиталните инвестиции во патната и железничката инфраструктура изнесувале 2.251 милиони денари, а во 2013 година 8.496 милиони денари, додека во 2014 година се планирани 13.214 милиони денари. Значи ако споредите 2005 година и 2013 година капиталните инвестиции во инфраструктурата пораснале за 277 отсто, а ако споредбата се направи меѓу 2005 и 2014 година тогаш зборуваме фантастичен раст на капиталните инвестиции во инфраструктурата од 487 отсто, пишува понатаму во реакцијата.
ВМРО ДМНЕ наведува дека откако оваа Влада дојде на власт изградени се и реконструирани 1.012 километри патишта, 287 училишта, 61 градинка, 178 канализациони мрежи, 150 водоводни мрежи итн, и велат едно само може да се заклучи – СДСМ знае само да критикува, а ништо нема остварено кога имаше шанса.