На Јутјуб се појави снимка од телефонски разговор меѓу Александар Николоски и Миле Јанакиески од ВМРО ДПМНЕ. Во снимката се слуша како тие разговараат за организирање на мала сообраќајна несреќа за да настане блокада на пат и гласачите да не може да одат до избирачките места.
„Александар, слушај сега, една идеја со Горде ја зборевме. Има два авиони шиптари, слетуваат сега во 4 ипол. Да направите една сообраќајна несреќа ситна кај Пресека. Трактор да се испреврти, сериозно ти зборам ова“, вели Јанакиески.
Сличен разговор беше презентиран и во судскиот процес за предметот „Титаник“ за изборни измами пред две години, на кој се слушаа предлозите на Јанакиески и Јанкуловска на денот на изборите, 24 март 2013 година, некои членови на ВМРО-ДПМНЕ да превртат трактор или пак да истурат песок од камион за целосно да го блокираат патот Кичево – Охрид, бидејќи како што велат Албанците „од аеродромот одат со автомобили, а не со автобуси“.
Миле Јанакиески беше министер за транспорт и врски во Владата на Никола Груевски, а Александар Николоски во моментов е носител на пратеничката листа во изборната единица четири на ВМРО ДПМНЕ.