Десеттиот Танц-фест ќе се одржи од 7 до 29 април, под мотото „Вкусот на танцот“, а организаторот најави богата програма и почеток на регионална кампања за фестивалот. Една од најавените новини е и организирањето на првиот интернационален натпревар по танц, со меѓународно жири.
– Нашата цел е април да живее во ритамот на танцот, рече пред новинарите директорката на Танц-фест Рисима Рисимкин и соопшти дека меѓу содржините на јубилејниот фестивал ќе бидат гостувања на Националниот балет од Марсеј, Ротердамската танцова академија, танц-настапи на неколку компании од регионот, танцови филмови во соработка со фестивал од Амстердам и три премиери на кои ќе бидат промовирани млади кореографи.
Според министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, изминатата деценија фестивалот и ја доближил на македонската публика современата светска танцова сцена и современите танцови практики на повеќе врвни балетски ансамбли од светот.
– Годинешната програма на Танц-фест насловена како „Влусот на танцот“, бројните премиери и претстави, но и новите содржини, Меѓународниот натпревар за современ танц, проекциите на најдобрите филмски танцови и остварувања, Конференцијата за креативни индустрии, Парадата на танцот, ветуваат богато и квалитетно јубилејно издание на овој фестивал кој ќе биде голема провокација и за нашата пулика но, и за гостите од регионот, уметничките директори и менаџери од Европа и светот, изјави Министерката.
За регионална промоција на претстојниот Танц-фест, подготвени се пет кратки видеа од урбаниот живот на Скопје, за кои музиката ја компонираше Виктор Апостоловски, во продукција на Универзитетот ЕСРА.