Двете членки на панк групата Пуси Рајот, Надежда Толокоњикова и Марија Аљохина од Њујорк побараа ослободување на руските антивлaдини затвореници во очи Олимписките игри во Сочи.
„Сакаме слободна Русија и Русија без Путин“, рекла синоќа Толокоњикова пред почетокот на концертот – „Враќање на човековите права“ во организација на „Амнести интернешнл“ во центарот „Беркли“ во Бруклин.
„Нема да простиме и нема да заборавиле што им прави режимот на нашите граѓани“, порачаа тие пред повеќеилјадната публика.
Како што беше наjавено нив на бината ги повика поп ѕвездата Мадона. Таа ги пофали за храброста и посочи дека и таа добивала смртни закани поради тоа што јавно ги поддржала Пуси Рајот на својот концерт во Москва додека траело судењето. Руската власт тогаш ја обвини Мадона дека пропагира хомосексуално однесување.
„Време е и другите во светот да бидат храбри како Пуси Рајот и да им се спротивстават на луѓето како што е Путин, како и на другите лидери и организации кои не ги почитуваат човековите права и спроведуваат дискриминација и неправда“, рече Мадона.