Најавата на Владата, односно нејзиниот прв заменик, Артан Груби, за државни субвенции за вработување на Албанци во приватните компании, ја крена на нозе критичката јавност. Но, зошто добога, кому сега тоа и може да му биде проблем? Критичарите и незадоволните се подврткуваат и нервозно се подместуваат, ги исправаат показалците и заканувачки мавтаат низ воздухот, кутрите тие, не знаат дека можете со еден удар да им ги збришете струењата.
Гласни и бучни, бараат невозможни работи, високи цели наспроти ниските удари кои сме навикнале да ги примаме и офкајќи да замолуваме за уште, ако веќе навистина мора. Крештат и крикаат, несвесни дека никој нема да ги чуе- бараат преседани и нови светови- државни субвенции за памет и способност, квалификуваност и компетентност, сеедно дали се работи за Албанци или Македонци. Високи или мали. Големи или ситни. Блескави или невидливи. Чесни или расипани. Издигнати или пропаднати. Веројатно има некаква чест во сиот тој избор?
Ништо од тоа не е важно. Наивните тие, не знаат дека на крај се се сведува на само еден чинител, кој е мерило за успеси и падови, напредок и тонење во оваа држава, нешто како кога со тон кал и пепел кога ве посипуваат, но ве убедуваат дека огледалото вие сте го изгребале и поткршиле, а сега како крст ќе го носите низ животот.
Така изгледа и еден мал живот, со големи изгледи да прерасне во величенствен, сако ако се поседува партиска книшка. Државата раздава субвенции и што уште не, децении наназад, еднакво како што и вработува, нахранува и напојува, пресудува, венчава и крштева, благословува и погребува. Секакви се по редиците, застрашувачки намножени и накотени- секакви и никакви добиваат се што ќе посакаат, важно е да ве има на партискиот список. Килави и исправени, храбри и подвиткани, разборити и збунети, радосни и смрачени- важно е да се поседува тоа парче хартија, партиска припадност.
Со партијата во џеб можете да ги освојувате врвовите на тапоста, да не знаете што работите, ниту каде таа дејност се одвива, внимавајте, а сепак да примате плата. Да лежите и да се тркалате, а светот да го убедувате дека сте исправени и во готовс, спремни планини да срушите, залегнати од дома, Македонци, Албанци, браќа, синови, партиски доенчиња, гушнати и сраснати цицалчиња, неспособни за држава, бесрамни во дивината која ја создадоа.