Преспанско,Тиквешко, како и дел од Охридското езеро ќе одат под концесија. Владата по електронски пат ќе бара концесионер за стопански риболов, а концесијата ќе важи 6 години.
Крајниот рок за доставување на понудите е 17 март годинава, а треба да се достават во Министерството за земјоделство.
Министерот Димовски најави и концесии за рекреативен риболов,каде главен критериум ќе биде вкупниот број на риболовни друштва, како и одржувањето на рибниот фонд на одредено ниво.Во претходните години Владата додели три концесии за стопански риболов и 50 концесии за рекреативен риболов.
Во земјава се регистрирани околу 80 риболовни друштва, а годишната дозвола што ја издаваат риболовните друштва чинат околу 500 денари.
На новиот јавен повик пак, за понудените локации за изградба на 80-те мали хидроцентрали, тие се групирани во пакети за да бидат поатрактивни за инвеститорите, најави премиерот Никола Груевски.
„Откако ги собравме мислењата од сите страни, како на експертите, стручните лица, професорите, така и на бизнис фелата, компониравме пакет во кој 48 хидроелектрани ќе бидат во 16 групи, а 32 локации ќе бидат поединечно понудени да бидат дадени под концесија. На овој начин очекуваме да привлечеме домашни и странски инвеститори“, изјави Груевски.
Повикот за изградба на 80 нови мали хидроелектрични централи беше објавен пред 10-тина дена. Доколку сите овие енергетски капацитети бидат изградени, тие ќе учествуваат со 64 мегавати во електроенергетскиот систем на Македонија и би требало да ја подобрат еколошката состојба.
Предвидено е хидроелектраните да бидат градени три години, а потоа 20 години да бидат експлоатирани од страна на концесионерот по што ќе станат сопственост на државата.