Вчера, во рамките на Интернационалниот Филмски Фестивал во Берлин играниот филм „Соба со пијано“ на Игор Иванов, во продукција на Скопје Филм Студио, беше прикажан на Европскиот Филмски Маркет. На проекцијата присуствуваа триесеттина дистрибутери, директори на филмски фестивали и продуценти, за кои и беше наменета оваа специјална затворена проекција.
Европскиот Филмски Маркет – ЕФМ се организира секоја година и е секогаш посетен од огромен број продуценти, дистрибутери, финансиери, фестивалски организатори од целиот свет, меѓу кои оние најголемите и најистакнатите и важи за еден од најзначајните меѓународни собири за филмската индустрија.
Претставувањето на „Соба со пијано“ на ЕФМ е организирано од страна на Агенцијата за Филм на Република Македонија, која неколку години назад ја промовира најновата македонска продукција, а филмот го претставуваат режисерот Игор Иванов и Томи Салковски.
„Соба со пијано“ е единствениот филм претставник од Македонија на годинешното издание на овој значаен филмски настан.