Во 2008, Институтот за национална историја (ИНИ) објави „Историја на македонскиот народ“ од група автори, книга од 349 страници, „научно“ дело без ниту една фуснота, без ниту една научна референца и без научна библиографија.
На крајот на книгата стои дека „Средствата за печатењето на изданието ги обезбеди Владата на Република Македонија“.
Во оваа „историја“ на ИНИ се промовира тезата за „Континуитетот на античките Македонци и процесот на нивната симбиоза со Словените“, но нема наведено ниту една научна референца со која се поткрепува оваа „историска алхемија“.
Во поглавјето „Македонија и Словените – од средината на шестиот до средината на 9 век“, чиј автор е историчарот Митко Панов, се вели: „Најновите историско-археолошки студии покажуваат дека населувањето на Словените во Македонија не претставувало масовна колонизација со капацитет целосно да ја промени етничката констелација во Македонија, иако било неоспорно силното влијание на словенскиот етнос. Наедно и самите Словени во текот на 7 век забележале демографска криза. Станува збор за етапен процес кој ја овозможил заемната интеракција, коегзистенција и симбиоза помеѓу античките Македонци и населените Словени во Македонија“.
Ова дело на Институтот за национална историја денес служи за потсмев кај научниците, затоа што во книгата не е наведена ниту една историска или археолошка студија како поткрепа на тезата за „континуитетот на античките Македонци“ и нивната „симбиоза со Словените“.
Наместо да истражуваат, пишуваат и објавуваат историски и научно издржани книги, дел од историчарите од Институтот за национална историја повторно се ставаат во служба на партиско-политичка агенда и медиуми контролирани и спонзорирани од Будимпешта.