Европската унија (ЕУ) нема да интервенира во Украина и бара од Русија да го направи истото. Ова е пораката која шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон денес ја пренесува во Киев каде што е отидена на разговори со новото транзиционо раководство на земјата, изјави еден од портпаролите на ЕУ.
Додека новото украинско раководство и луѓето кои протестираа минатата недела очекуваат брзо доближување до ЕУ, пораката од Брисел нема сосема да им се допадне. ЕУ одлучи да засега да не го потпишува ветениот договор за асоцијација со Украина и да чека да поминат изборите закажани за 25 мај. ЕУ потсетува дека и финансиската помош за Украина е условена со економски реформи.
“Договорот за трговија и ивестиции што го предложивме е се уште на масата”, рече портпаролот но овој договор не го нарече договор за асоцијација како што досега ЕУ го нарекуваше. Овој документ ќе треба да биде потпишан откако ќе се избере нова влада на избори.
Договорот требаше да биде потпишан на крајот на минатата година и токму одбивањето на Виктор Јанукович да го потпише ја запали ситуацијата во земјата и беше причина за масовните протести. Според ЕУ, транзиционата влада е легитимна но Брисел сака за соговорник да има избрана влада која би била гарант за суверен избор.
ЕУ исто така очекува дека Украина ќе почне сериозни економски реформи што треба да бидат договорени со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Украинските власти бараат сума од 35 милијарди долари како помош за се избегне банкротот на земјата.
Од друга страна, на ЕУ исто така не и се брза да почне да го спроведува санкциите кои беа одлучени минатата недела додека ситуацијата во Украина беше на работ на граѓанска војна. ЕУ донесе одлука за замрзнување на финансиите и забрана за издавање визи за повеќемина од луѓето блиски до Јанукович.
“Нема автоматизам и можеме да се ја повлечеме одлуката според тоа што се случи минатиот викенд. Портпаролот потсети дека европските министри за надворешни работи се согласија да применат мерки и да усогласат список на лица според еволуцијата на теренот.
Списокот, кој содржи дваесетина имиња, би требало да биде објавен кон крајот на оваа недела. Дипломатите сметаат дека треба да се избегне секаква провокација кон Русија и да се стори се за да се избегне секој ризик на поделба на Украина помеѓу западниот проевропски и источниот проруски дел.